| четврток, 6 декември 2018 |

Објавен „Домот во кој…“ – роман за деца со посебни можности

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје неодамна го објави романот „Домот во кој…“ од руско-ерменската писателка Маријам Петросјан, нејзино прво и засега единствено дело, кое го пишувала цели 18 години. Преводот на македонски е на Ѓорѓи Крстевски.

unnamed-1

Едно момче ќе биде одведено во дом за деца со посебни потреби. Наеднаш пред него ќе се отвори сосем нов свет со сопствени ликови и правила на однесување, толку различни од „обичниот“ свет. Децата се доведени таму од своите родители и заборавени. Сепак, нивната детска фантазија и игри не може никој да им ги одземе. Сите тие имаат впечатливи прекари и карактери. Не сме сигурни дали Лорд навистина потекнува од благородничко семејство, но Слепиот навистина е слеп, а Сфинга е мудар. Тутунот не е лошо дете, но сака да заработи на туѓа сметка. А тука е и таинствената појава на детето со прекар Македонски.

Домот е многу повеќе од дом за деца со посебни потреби, тоа е еден засебен универзум, а штитениците на домот не се лица со посебни потреби – не, тоа се лица со посебни можности!

Романот многумина го споредуваат со „Хари Потер“, а според критиката „Петросјан им докажува на читателите дека постои магија во нивните животи“.

Книгата е објавена со поддршка на Институтот за книжевни преводи на Русија.

Маријам Петросјан (1969) е руска писателка со ерменско потекло. Родена е во Ереван, каде што работела во филмското студио „Ерменфилм“. Нејзиниот прв роман, „Домот во кој…“ станал бестселер уште со појавувањето во 2009 година, а таа ја освоила книжевната награда „Руска премија“, која им се доделува на автори што пишуваат на руски јазик.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top