| четврток, 6 декември 2018 |

Управувачки комитет за кризи: Состојбата на терен е стабилна

Ова е главната оценка на денешната седница на Управувачкиот комитет за кризи на која портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев рече дека надлежните служби прават се  што е во нивна моќ на централно и на локално ниво за да  се надминат предизвиците со кои се соочуваме.

– Сите треба да бидеме максимално посветени, да имаме  полно внимание, да ги следиме сите движења, информации и препораки. Институциите и на централно и на локално ниво ќе продолжат да бидат максимално подготвени, посветени и ангажирани да излезат во пресрет за надминување на сите предизвици. Не е проблем само висината на паднатиот снег, туку треба да се земе во предвид дека има комбинација на повеќе ризични фактори како што се многу ниските температури кои оневозможуваат брзо чистење на снегот, а особено ветровите кои можат да предизвикаат снежни наноси што блокираат патишта, рече Ѓорѓиев.

Тој се заблагодари на граѓаните за придржувањето кон дадените упатства за полесно справување со последиците од невремето и побара да продолжи позитивниот тренд во нивното однесување и прифаќање на препораките и изразената голема граѓанска свест, која, како што посочи, помогна многу сериозно во надминувањето на предизвиците.  Додаде дека институциите остануваат подготвени во секој  момент да дејствуваат и на секој дел од теренот и да сторат се што е во нивна моќ за да се сведат ризиците на минимум и последиците да бидат надминати во брз временски период.

– Ситуациите кои се сега во овој момент може да бидат променети за половина или за еден час. Се трудиме на секое можно ниво да обезбедиме однесување согласно сите законски прописи и стандарди, правилата на службата, советите на експертите и професионалците, како и преку размена на мислења и препораки со останати субјекти се во интерес на побрзо  надминување на сите предизвици кои може да се случат или, пак, превенција на определени негативности кои, исто така, можат да се  развијат и да бидат актуелни, потенцира Ѓорѓиев и додаде дека очекуваат ситуацијата со невремето да биде во рамките на она што може да се контролира.

Надица Вчкова од центарот за управување со кризи рече дека магистралните патишта во земјава и во најголем дел регионалните се проодни во зимски услови и отежнато.

– Мора да се земе во предвид дека оваа состојба е менлива поради многу фактори и во зависност од тоа колкава е снежната покривка, ниските температури и зголемената можност за сообраќајни незгоди што значи дека на сите патни правци постои зголемена можност за застој како што беше вчерашниот случај со патните правци Велес-Скопје и Скопје-Велес кои беа блокирани неколку часа. Во моментов овој патен правец е прооден во двете насоки, истакна Вчкова.

Таа потсети дека синоќа беше завеан патот кон граничниот премин Јажинце поради големи наноси на снег. При тоа, како што кажа, беа блокирани 15 возила, а патниците беа згрижени на самиот премин. Сите биле граѓани на Република Македонија кои се враќале од Косово.

– Во текот на денешниот ден беше пратен булдозер за да се расчистат наносите од снег по што е овозможено нормално одвивање на сообраќајот. Во моментов сообраќајот е во преки на патот Штип-Велес кај местото викано Три Чешми, бидејќи товрано моторно возило го попречило патот, како и на неколку патни правци кои водат до планински села на повисока надморска височина, рече Вчкова

Прецизира дека не се проодни патиштата кон Танушевци, Малино, Брест и  Чучер Сандево во скопско, како и кон селата во општините Долнени, Старо Нагоричане, Куманово, Струга, Штип, Карбинци,… кои, како што посочи, вообичаено не се проодни секоја зима кога има поголем снежни врнежи.

– Во Кочани во моментов регионалниот пат кон викенд населбата Пониква е во прекин, а забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планиските превои Стража, Маврово, Пресека и Ѓавато.

Раководителот на на Службата на Итната медицинска помош (ИМП) Анета Димоска истакна дека во текот на вчерашниот ден во скопско имале 149 интервенции од кои четири скршеници на јавно место, две сообраќајки со двајца повредени и едно лице со хипотермална состојба.

– Сите лица се соодветно згрижени. Бројката од 149 интервенции не е невообичаена иако е за една третина повисока од просечната, бидејќи во последните 10 дена ја имаме стандардно пради зголемениот број на болни од грип, рече Димоска.

Таа прецизира дека денеска до 14 часот има 57 интервенции на ИМП кои се решени претежно во домашни услови и оти за среќа нема скршеници.

– Генерално состојбата е под контрола и нема место за паника. Немаме проблеми со екипите, возилата и со сместувањето на пациентите, рече Димоска и апелираше Итна медицинска помош да се побара само кога навистина е потребно за да не дојде до непотребно задржување на возилата и екипите поради временската состојба.

Атанас Ковачевски од ЕВН посочи дека  дистрибутивниот систем генерално е стабилен, на високонапонско ниво нема никакви проблеми, а на нисконапонско има помали проблеми во руралните средини.

– Екипите на ЕВН Македонија деноноќно се на терен и прават се за да се отстранат евентуалните дефекти. Со минатогодишното опремување на екипите со моторни санки  во состојба сме да дојдеме и до најнепристаните делови и да ги санираме дефектите, рече Ковачевски и нагласи дека се очекува за 10 осто поголема потрошувачка на електрична енергија поради ниските температури.

Тој апелираше граѓаните рационално да ја користат електричната енергија и да не ги вклучуваат во напон поголемите потрошувачи одеднаш за да се избегнат испади во системот.

Нагласи дека има мали проблеми со далекуводот што го снабдува Велес, но потенцира дека состојбата се нормализира и оти остануваат уште 10 до 15 отсто од потрошувачите да бидат вклучени во системот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top