Замената на фосилното гориво со биомаса значително ја намалува и емисијата на јаглерод диоксид, придонесува за развој на локалната економија и ги ублажува климатските промени.
-Големи количини т.н. отпадно дрво се добиваат по сечата на дрвата во шумата, како и при примарната обработка на техничкото дрво во пиланите, но тие, потоа, многу ретко наоѓаат примена како суровина за добивање топлинска енергија или за секундарни производи, а се огромен потенцијал особено за руралните средини, рече координаторот на проектот Дарко Скендерски.
Според него, многу се мали познавањата на населението за дрвната биомаса поради што е неопходно подигнувањето на јавната свест. Потребно е и стимулирање на приватниот сектор за инвестиции во овој домен, како и стандардизирање на сортиментот на отпадот во пиланите.
-Се наметнува и заклучокот дека мора да се менуваат и навиките при работата во шума, како и да се прецизираат процедурите за добивање на транспортните документи, посочи Скендерски.
Биомасата, органска материја од растително или животинско потекло, е најстар извор на енергија. Во светски рамки се смета за клучен обновлив ресурс. Се однесува на дрвја, растенија, алги, отпадоци од земјоделството и шумарството, како и на биоразградливиот дел од комуналниот отпад.
Дрвната биомаса потекнува од шумски или декоративни видови дрва. Најупотребувана форма е огревното дрво, главно од бука и даб. Другите форми ретко се користат како директна суровина за добивање топлинска енергија, но со дробење и дополнително процесирање се произведуваат пелети и брикети.
Во Македонија се уште не се користи иверката т.н. чипс која е погодна за загревање, а се добива со машинско ситнење на дрвото. Енергетската вредност на чипсот е 3,4 до 3,7 киловат часови на килограм или 800 киловат часови на метар кубен. Со 10 до 15 метри кубни чипс се заменува енергија што се добива од 1.000 литри нафта за ложење или две поросторни метри огревно дрво.
Националното здружение на сопственици на приватни шуми го реализираше проектот во изминатите две години со поддршка на општина Берово и Глобалниот еколошки фонд – Програма за мали грантови. Потрошени беа вкупно 61.087 долари.
Извор: Региони.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.