Дедо Мраз истовремено е мит, легенда и реалност.
На новогодишните и на божикните празници им се радуваме сите, а децата најмногу. За нив Нова година има посебно значење, најмногу поради подароците што очекуваат да ги добијат. Со нетрпение го очекуваат новогодишното утро кога пред елката ги чекаат подароците што Дедо Мраз ги оставил претходната ноќ. Хо, хо, хооо! – се зборови на чуениот и познат човек во црвено, дедо – симбол на радост, подароци и новогодишни празници. Без разлика дали се вика Божик Бата, Свети Никола, Санта Клаус, Крис Крингл, Пјер Ноел или Јоулупуки, сите знаеме за кого станува збор: дебеличок дедо со седа коса и долга бела брада, облечен во црвено со бело крзно и секако вреќа полна со подароци. Тоа се главните асоцијации за најомилениот дедо на светот. Доброќудниот дедо од Лапонија, кој најчесто доаѓа на санка влечена од ирваси, а во друштво со своите верни помагачи џуџињата.
Дедо Мраз, всушност, е варијација на една холандска приказна втемелена на историскиот лик на свети Никола, кој во декември давал подароци. Во 19 век во САД бил поврзан со Божик, а со текот на времето е преименуван во Дедо Мраз – Santa Klaus или Saint Nick. Модерниот лик на Дедо Мраз датира од 1863 година, а е нацртан од Томас Наст. Во 30-тите години од 20 век Дедо Мраз е искористен во рекламни цели и, всушност, тој тогаш го добива денешниот изглед. Направен е за потребите на кампањата за „Кока–Кола“, а за основа е земен изгледот на рускиот Дедо Мраз (Дед Мороз) со црвен капут, крзнени чизми, долга бела брада и, секако, бискупски изглед на свети Никола.
Во Италија Babbo Natale им носи подароци на децата, што е еквивалент за Дедо Мраз, а друштво му прави и La Bafan, која, исто така, ги дарува децата. Прикаската зборува дека La Bafan требало да му донесе подароци на малиот Исус, но се загубила, па затоа сега децата ги дарува на новогодишните и на божикните празници.
Дедо Мраз го сакаат сите: децата, младите, тинејџерите, возрасните и старите. Тој за сите има многу добри особини. Некои од нив едноставно се неверојатни. Тој може да посети милиони домови, и тоа во текот на само една ноќ – новогодишната ноќ. Тој мисли за сите деца и млади, за нив има магична моќ: произведува подароци за милиони деца и носи подарок за секое дете во новогодишната ноќ или во првото рано утро во годината. Тој е добар бидејќи дава подароци. Тој е праведен бидејќи има подароци за секого.
Дедо Мраз е среќа, радост, задоволство, исполнетост, благодарност.
Дедо Мраз е важен дел од детството. Родителите ги учат своите деца и им ги кажуваат легендите за Дедо Мраз. Тоа се прекрасни приказни кои зборуваат за важноста на дарежливоста, добрината, несебичноста и љубовта. Децата за него знаат разни верзии на приказни и преданија. Приказните кажуваат дека тој живее на Северниот Пол, најверојатно во Лапонија, каде што има работилници во кои произведува милиони, милиони подароци. Дедо Мраз ги товари тие подароци на својата санка и за време на новогодишните празници им ги дели на сите деца од светот влегувајќи во нивните домови преку оџаците.
Дали, навистина, постои Дедо Мраз? Ова прашање е поставено во една анкета на интернет, во која дури 66% од посетителите на веб-сајтот одговориле дека тој навистина постои и дека го шири духот на новогодишните и на божикните празници низ целиот свет, додека 34% одговориле негативно верувајќи дека Дедо Мраз е маркетиншки трик.
Животот на Дедо Мраз е песна, и тоа убава песна. Тој несебично се труди преку песната и подароците да ги распее, развесели и усреќи сите, а најмногу децата. На тој начин тој се грижи за нашето најголемо богатство – децата. Неговиот живот е и игра, и тоа забавна игра. Во неа за новогодишните и за божикните празници играат и се веселат сите: деца, млади и стари. Сите тие замислуваат желба и посакуваат да им се оствари. Најчесто и во најголем број случаи посакуваната желба се остварува, а ја остварува токму Дедо Мраз.
Дедо Мраз е песна и игра во новогодишна санка на снег. Најлуда забава на сите луѓе во светот за време на Нова година и Божик. Едноставно, тој е возбуда, големо очекување и сосема мала неизвесност дали ќе нѐ посети и какви подароци ќе ни донесе. Сепак, тој секогаш е исполнето очекување, реализирана желба и големо, огромно задоволство. Тој е задоволство што предизвикува среќа, радост и исполнетост. Дедо Мраз е магија бидејќи сите детски соништа ги претвора во реалност, но тој е и забавен – ги отстранува сите незадоволства и ги смирува децата и младите. Целосно е ОК.
Дедо Мраз е истовремено мит, легенда и реалност. Не постои човек на светот што има храброст да му каже на едно дете наспроти новогодишните и божикните празници дека Дедо Мраз не постои. Дедо Мраз е среќа, радост, задоволство, исполнетост, благодарност. Дедо Мраз има љубов што ја дава на сите деца и млади на светот, истовремено Дедо Мраз е неизмерно сакан од сите деца и млади на светот. Појавувањето на илјадници дедомразовци за време на новогодишните и божикните празници во сите населени места на Земјината топка е знак на нашиот почит кон Дедо Мраз, но и почит кон неговата добродушност и дарежливост.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.