
Ацо Станковски
Да си честитаме на издржливоста и на трпението. Тоа секогаш носи резултати, дури и тогаш кога сѐ изгледа залудно и глупаво. Конечно, овие доблести се есенција на самиот живот. Сѐ друго, освен трпението и силната волја да се издржи во сопствената верба, е тривијално, брзоплето и неодговорно.
Конфликтот е секогаш тука, тој левитира во етерот, во поднебесјето и бара сцена и актери за своите сценарија. Играта е занесна, вистинска хипноза, но кога таа не е дислоцирана во сферите на баналното и кога ќе ги опфати виталните траектории на општествените системи, тогаш се случуваат непоимливи потреси и трагедии. Тогаш луѓето се чудат, се прашуваат во паника што, всушност, се случува, од каде ваков изблик на нечовечност, тиранија и зло?
Но, во тие моменти нема никаков утешителен одговор, само ужас и деструкција, која не престанува и ги полудува сите.
Затоа им честитам на сите за трпението и за издржливоста. Верувајте, нема подобра стратегија и тактика од овие две…
На правдољубивите, на херојските и епски карактери, на оние што држат до сопственото достоинство, можеби, овие пристапи кон решавањето на конфликтите им се малку и индолентни, особено затоа што се во право, а тие се секогаш во право, та зар да не се, би се вознесувале ли со толку самодоверба и посветеност, но, верувајте, воинствените карактери први го губат теренот. Нивниот темперамент ги носи во избрзани реакции и гибел.
Би рекол дека треба да се исцрпат сите варијанти, понекогаш по цена на големи понижувања и одрекувања, но правдата ќе победи зашто таа секогаш победува, без оглед на тоа колку ова поправање на моралните аспекти на стварноста во дадени времиња и услови ќе проголта енергија и мисли.
Затоа, само напред со трпението, со толерантноста и со волјата да се опстои на најдоброто во нашата идеолошко-политичка имагинација.
Ви честитам, urbi et orbi, драги жители на планетава, а посебно на граѓаните на Република Македонија, што и покрај сите искушенија, сѐ уште имате човeштина во своите души, што имате емпатија за ближните, и по вертикала и по хоризонтала, и што посебно ги милувате доблестите што на многу други места се веќе испратени во историјата, а тоа се трпението и толерантноста и, секако, што сѐ уште не ве означиле со чипови, со знакот на нечестивиот.
Редно е што повеќе од нас, граѓаните на светот (а на што би биле, се прашувам?), да се поклониме на виртуелните, но непоколебливи по силата на духот катедрали на трпението, на почитувањето, на созерцувањето. Тоа се силните храмови на опстојувањето на човековиот вид. Само во закрилата на нивната непоколебливост и спокој можеме да ја видиме убавината и љубовта на битието. Затоа ви честитам што решивте да играте на најмудрата, најсигурна карта, на доблеста над доблестите.
Ви честитам со воздушеста снежнобела честитка за вашата способност да ги преживеете ништожноста, дефетизмот и очајот. Тоа се само ефемерни плашила на патот до светоста. Држете до трпението, грешка ќе нема и никогаш нема да заталкате во непроодните шуми на злото, полни со грмушки, начичкани со трње, со крволочни ѕверови, населени во мракот, што демнат на заталканите како на лесен плен.
Трпението е состојба од која извираат мудроста и сознанието, но најмногу од сѐ – вистината, што е и најважно.
Вистината ве спречува да пропаднете морално и духовно. Таа е вистинскиот извор на сигурноста и хармонијата. Вистината ве држи во живот, сѐ друго е само преживување.
Не е проблемот во злото кај другите, проблемот е секогаш во недостигот од трпение кај нас самите. Затоа, да се фатиме за нашата најголема национална доблест – трпението.
Историјата штедро и сликовито ни покажува до какви катастрофи носи отсуството на трпение. Понекогаш нештата не можат да се вратат во првобитната состојба откако кодот на трпението ќе биде прекршен и некој импулсивен и неконтролиран гест ќе предизвика низа од ескалирачки реакции, кои веќе никако не можат да се совладаат. Овие непосакувани лавини од зло треба да бидат превенирани со едно доследно трпение и толеранција.
Ние сме мала заедница на луѓе со различни табиети, вери и култури и сите живееме во пазувите на оваа мала и сѐ уште сиромашна држава. Единствената вредност со која можеме да се носиме против искушенијата, кои хараат по светските меридијани, е токму уметноста на трпението.
Таа уметност е уметност над уметностите и политика над политиките. Трпението ќе ви возврати со голем духовен бериќет во времиња кога најмалку се надевате на тоа.
Затоа овој Божиќ, без оглед дали го чествувате по Грегоријанскиот или по Јулијанскиот календар, бидете трпеливи и истрајни како што е мајката кон своето чедо.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


