Доколку се укаже можност највозрасниот пратеник, во случајов Бранко Манојловски, кој е православен Албанец, да претседава со конститутивната седница на Собранието, партијата на Али Ахмети нема да ја пропушти приликата пленарката да биде на албански јазик.
Иако за ова има минимални шанси, бидејќи од ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека ќе се држи строго до собранискиот Деловник, односно дека претседателот во заминување Трајко Вељановски ќе ја закаже и ќе претседава со конститутивната седница.
Kоментарите од ДУИ се дека Вељановски сега првпат ќе ја искористи деловничката можност и да претседава со седницата само да спречи таа да се води на албански јазик.
И додека актуелните владини партнери се расправаат за конститутивната седница, пратеникот Манојловски во изјава за „Дневник“ вели дека добил сугестии ако тој е претседавач на седницата, да зборува на албански јазик. Впечатливо е дека самиот Манојловски потврдува за „Дневник“ дека не збрува албански толку добро за да претседава со собраниска седница, бидејќи го знае разговорно, но не и литературно.
– Сум слушнал дека како највозрасен пратеник можно е јас да претседавам со конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Но, официјално, досега за тоа никој не ме известил. Пријатели ми сугерираат ако јас ја водам седницата, да претседавам на албански јазик. Но мене ми е тешко да говорам албански, бидејќи јазикот сум го научил од слушање, од мајка ми, но никогаш не сум го изучувал во училиште. Слабо читам и пишувам албански. Мислам дека ако ја водам седницата на албански јазик, таа не би била функционална. Од друга страна, не сакам да бидам причина за конфликт, туку сакам да сум мост меѓу Македонците и Албанците, изјави Манојловски.
Од ДУИ велат дека нивни правници го чешлаат членот 9 од собранискиот Деловник, кој се однесува на конституирањето на Собранието. Од ДУИ се децидни дека ако Манојловски има можност да претседава, седницата ќе ја води на албански јазик.
– Нема да ја пропуштиме шансата првпат со собраниска седница да се претседава на албански јазик. Доколку Манојловски има можност, а не ја води седницата на албански јазик, нека си оди дома. Ќе му напишеме сценарио за седницата, тој ќе треба само да чита, вели функционер на ДУИ.
Од партијата на Ахмети додаваат дека сега ВМРО-ДПМНЕ намерно ќе инсистира на Деловникот само за да спречи седницата да се води на албански јазик.
– На претходната конститутивна седница претседателот во заминување Вељановски само ја свика седницата, но со неа претседаваше највозрасниот пратеник. Сега се повикуваат на членот 9 од Деловникот, кој не им беше битен при конститутивната седница по изборите во 2014 година. Не случајно Вељановски во изминатиот собраниски состав никогаш не дозволи некој од потпретседателите да водат пленарни седници за да не дозволи со седниците да се заседава и на албански јазик, велат од ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ ни изјавија дека ќе го почитуваат собранискиот Деловник, според кој претседателот во заминување Вељановски ќе ја закаже и ќе претседава со конститутивната седница.
Во став 1 на членот 9 од Деловникот пишува дека „ако првата седница на Собранието не ја свика претседателот на заминување, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник, ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, с` до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница“.
Во ставот 2 од истиот член се вели дека „пратеникот што ја свикал првата седница, претседава со седницата на Собранието, додека новоизбраниот претседател или еден од потпретседателите не ја преземе должноста“.
Утре конститутивна седница
Вчера беше закажана и конститутивната седница на Собранието в петок во 13 часот. Ќе ја свика и со неа ќе претседава досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.