| четврток, 6 декември 2018 |

Темс се враќа во МЗТ Скопје

tems-640x294

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Анте Назор, има една грижа помалку во пресрет на првиот дуел во новата 2017 година, на 2 јануари против хрватска Цедевита во АБА лигата, откако за вечерва се очекува враќањето на Американецот Ксавиер Темс, кој, ако се биде во ред со авионските врски, веќе од утре ќе треба да се врати во редовниот тренажен процес.

Зад бекот е едномесечно отсуство и тоа поради трагедија во семејството (смрт на неговиот татко), за што доби дозвола од управата на клубот, која му излезе во пресрет во тешките моменти за него и за неговите најблиски.

– Темс првично замина на десетина дена, кога од нас побара можност да се прости од својот татко, кој беше тешко болен. Пред терминот предвиден за негово враќање, состојбата на родителот на нашиот кошаркар нагло се влоши и тој набрзо потоа почина, поради што Ксавиер не замоли за дополнително отсуство за да може да биде присутен на неговиот погреб, но и да биде крај својата мајка и помал брат во тешките моменти за нивното семејство. Темс има двогодишен договор со нашиот клуб и во него гледаме играч кој би можел да биде еден од нашите лидери на подолги патеки и сметам дека е нормално што му излеговме во пресрет и на ова барање. Нашата реакција беше водена исклучиво од човечки, а не од спортски мотиви, бидејќи неговото отсуство од тимот и тоа како можеше да се забележи. Веруваме дека брзо ќе се врати во посакуваниот ритам и дека ќе биде оној стариот Темс, кој беше еден од нашите најдобри играчи пред заминувањето во САД, изјави за клупскиот сајт Видоја Секуловски, директорот на МЗТ Скопје Аеродром.

Последен натпревар на популарниот „Екс“ во дресот на МЗТ Скопје беше во триумфот над ФМП на домашен терен на 18 ноември, што значи дека пропушти пет натпревари во АБА лигата како и последните три во Еврокупот. Претходно, на десет натпревари во регионалното натпреварување просечно реализираше 14,2 поени, 2,9 скока и 1,8 асистенции додека во на петте европски натпревари имаше просек од 16,8 поени, 3,4 скока и 2,8 асистенции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top