ВМРО-ДПМНЕ е победник на парламентарните избори 2016. Наспроти сите сили со кои соочи и кои туркаа кон поделби, на овие избори победи народот во Македонија. Со прегласувањето во Теарце, по сите конструкции на СДСМ, изборен инженеринг и купување на гласовите со поддршка на албанската дијаспора, ВМРО-ДПМНЕ има конечни 51 пратеник наспроти 49 на СДСМ.
Се очекува наскоро Државната изборна комисија да ја потврди победата на ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата за подобра Македонија“ на предвремените парламентарни избори. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ го добива мандатот за составување на новата влада.
ВМРО-ДПМНЕ и по 2 години невидена црна кампања и напади, во кои СДСМ беше само инструмент, освои резултат приближно ист како во 2014 година. Разликата во македонското гласачко тело меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сѐ уште е околу 100.000 гласови.
СДСМ го компензираше поразот со огромната поддршка од етничките Албанци. Заев за ветувањата за федерализација и кантонизација на Македонија доби над 70.000 гласови, кои беа пресудни за конечниот исход. Од СДСМ се пофалија за голема поддршка во Брест, Арачиново, Студеничани, Диво Насеље.
Заев, пак, најави дека ако загуби, ќе поднесе оставка и ќе се повлече од политичката сцена.
– Уверен сум дека ќе победиме. Народот сака промени, режимот е прочитан. Но, сепак, ако победи мафијата, јас ќе поднесам оставки на сите политички функции и во СДСМ и во општина Струмица и ќе се вратам на бизнисот – изјави Заев за „Телма“ .
Тој истото го повтори и по гласањето кога изјави дека ако на вака значајни избори се случел негативен резултат, тогаш му завршува политичката кариера.
– Ако на вака значајни избори се случи негативен резултат, тогаш ми завршува политичката кариера – рече Заев само неколку часа пред да биде поразен.
Сега народот во Македонија очекува Заев барем еднаш во неговата политичка кариера да го одржи зборот и да се врати во струмичко Муртино.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.