Лидерот на СДСМ Зоран Заев треба да достави доказ дека неговата средба со италијанскиот амбасадор, поради која побарал одлагање на рочиштето во случајот „Поткуп“, навистина и се одржала. Тоа е неопходно оти самиот Заев на рочиштето пред некој ден јасно кажа дека одлагањето го бара заради веќе договорена средба со италијанскиот амбасадор во земјава Kарло Ромео во 13 часот истиот ден.
Од Основниот суд за „Дневник“ велат дека дури кога ќе достави, останува судијата по предметот да оцени дали доказот е адекватен.
„Такво барање на судијата беше јавно кажано од негова страна и тоа е внесено во записникот. Потребно е тој да достави доказ од кој ќе се види дека имало средба и дека тоа било издржана причина поради која се барало одлагање. На судијата е да процени дали дадениот доказ е адекватен. Тоа ќе може да го оцени дури кога ќе му биде приложен таков доказ“, соопштува Основниот суд Скопје 1.
Но, оправдувањето што го даде Заев уште веднаш истиот ден се покажа дека е невистина оти лично амбасадорот го демантира. Ромео на Твитер напиша дека немал средба со никого и секоја поинаква информација е целосно неточна.
Засега не е познато какава санкција би можела да му биде изречена на Заев доколку судијата процени дека оправдувањето за одлагањето на рочиштето не е издржано. Сѐ ќе зависи од неговата судиска процена, а во случај да не е издржано, можно е судијата следниот пат кога Заев би барал одлагање на некое следно рочиште да не му го прифати барањето и рочиштето да биде одржано.
Понатаму, друга можна санкција е предвидена со Законот за кривичната постапка, па според членот 104 учесникот во постапката што побарал одложување ќе ги преземе трошоците за одржување на главната расправа доколку тоа се случило по негова вина. За колкав трошок се работи би можело да се знае на крајот од судењето кога се пресметуваат сите судски трошоци.
Целиот текст можете да го прочитате на „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.