| четврток, 6 декември 2018 |

„Танец“ вечерва настапува во Шведска

Со концерт на Ансамблот на народни песни и игри „Танец“,  денеска во концертната сала на Кралскиот филхармониски оркестар на Стокхолм, во која традиционално се доделува и престижната Нобелова награда ќе биде отворена манифестацијата „Македонија во Шведска“.

На овој значаен настан со кој ќе биде одбележана  20-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи со Кралството Шведска ќе присуствува и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

„Танец“ пред шведската публика ќе се претстави со македонските народни ора „Тешкото“, „Тресеница“, „Беломорски бисер“, „Малешевка“, „Драчевка“, како и со рачно изработените народни носии кои ја отсликуваат македонската традиција, обичаи.  Влезниците за концертот се веќе распродадени што е потврда за  големиот интерес кај шведската јавност за македонската култура и традиција.

Покрај концертот на „Танец“ во втората половина на годината, , во Шведска, преку изложбата на Старите ракописи ќе биде претставена и илјадагодишната писмена традиција и богатото книжевно наследство на Македонија.

Министерката Канческа-Милевска во рамките на посетата на Шведска ќе оствари повеќе билатерални средби, а ќе се сретне и со претставници на македонскиот сојуз во оваа земја.

Република Македонија и Кралството Шведска имаат традиционално добра соработка во областа на културата.  Кај нас шведската  култура е најдоближена преку литературата и филмот.  Двајца шведски поети се добитници на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата – Артур Лундквист во 1977 и Томас Транстромер во 2003, кој пред две години стана и нобеловец. На „Охридско лето“, пак, минатата година гостуваше театарот „Интима“ од Стокхолм со најпознатата драма на Стриндберг „Госпоѓица Јулија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top