Во организација на Националната галерија на Македонија во објектот Даут-пашин амам, утре на 23 декември со почеток во 19 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба „Вангел Наумовски“.
На изложбата ќе бидат изложени речиси стотина дела од сите творечки фази на Вангел Наумовски. Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски се поврзани повеќе епитети – тој кај нас и во светот е секогаш претставуван како уникатен пример на сликар на чудесниот свет на длабочините на езерото и комплексноста на космосот, на задоволството, жената и љубовта…
Неговите поетски слики со виртуозен потег го доловуваат светот на границата помеѓу сонот и јавето, меѓу земјата и космосот, царствата на растенијата и цвеќето, убавините на охридските нимфи. Волшебните светови на соништата на Наумовски се раѓаат од неговиот однос кон природата, опкружувањето, традицијата, митовите и стилски и тематски заземаат издвоено и препознатливо место со специфичното хуманистичко и пантеистичко чувствување на светот и на човекот во него.
Се чини премалку е да се каже дека сликарството на Вангел Наумовски се одликува со исклучителна препознатливост.
Иако самоук сликар, тој се вбројува помеѓу малиот број уметници од Македонија кои достигнуваат најголема афирмација и надвор од нашата земја уште за време на своите најактивни творечки години.
Со автентичен и препознатлив ликовен израз надвор од уметничките трендови, секогаш актуелен, сензибилен и повеќестрано креативен, на почеток е забележан во историјата на македонската (и пошироко, на југословенската) ликовна уметност како најистакнат претставник на т.н. „наивна уметност“, определби што се менуваат подоцна заради констатациите за неговото тежнеење кон фантастичниот надреализам, се наведува во соопштението од Националната галерија на Македонија. Изложбата ќе трае до 28 февруари 2017 година.
извор: Публицитет мк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.