| четврток, 6 декември 2018 |

Билансот на починатите од алкохолното труење достигна 71 лице

Билансот починатите од труење со алкохол во рускиот град Иркутск во Сибир денеска достигна 71 лице, соопшти локалната канцеларија на Министерството за здравство.

Жителите на Иркутск се отруле пиејќи лосион за капење, кој во себе содржи метил алкохол.

– Од викендот досега од течноста се отруле 117 лица,  од кои 71 починало, изјави портпаролката на канцеларијата на Министерството – Татјана Лебедева.

Според властите, на етикетата е јасно посочено дека козметичкиот препарат не е за пиење, бидејќи содржи метил алкохол, токсична состојка, која често пати се користи како антифриз, но сепак препаратот понекогаш се консумира како алкохол поради ниската цена.

Цената на вотката во малопродажба е недостапна за милиони сиромашни жители на Русија, особено во руралните области, каде што стандардот е мошне низок. Се смета дека околу 25 милиони лица во Русија не располагаат со доволно приходи за да купуваат легален алкохол.

Рускиот претседател Владимир Путин побара вчера да бидат воведени ограничувања на продажбата на алкохолните супститути, како фармацевтските препарати или козметичките средства со цел да се намали нивната консумација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top