Незадоволни од партиската процедура за избор на ново раководство членови на највисокото раководство на опозициониот Социјалдемократски сојуз брифираат дека во моментов во СДСМ се одвива интензивна битка за позиционирање пред конгресот закажан за втори Јуни.
Според изворите на „Република“ од понеделник сите четворица кандидати за претседател, Заев, Ивановски, Јовановски и Наумов треба пред Црвенковски да ги елаборираат своите програми со што практично се потврдува тезата дека финалниот избор на идниот претседател нема да го прават делегатите на Конгресот како највисоко тело на партијата туку Црвенковски и луѓето околу него.
Всушност целта на драмата со собирање на 20,000 потписи за враќање на Црвенковски на чело на партијата не била тој навистина да биде избран туку да го зголеми своето влијание и моќ без разлика кој ќе стане претседател, велат партиски извори.
Внатрешно партиските конфликти деновиве најмногу се присутни на релација Црвенковски – Шекеринска против која интензивно лобираат соработниците на екс лидерот.
Според изворите на Република, откако последните истражувања покажале дека струмичкиот градоначалник има најголем рејтинг во партијата , Црвенковски се обидувал да го убеди Заев да ја прекине соработката со Шекеринска а за Генерален секретар да биде именуван Игор Ивановски – Шема.
Стравот во кабинетот на Црвенковски е дека откако пред неколку години таа беше сменета од него по неуспешните избори на која таа беше кандидат за премиер сега нема да биде под негова контрола туку ќе се обиде со поддршка од странство заедно со Заев да создаде нова атмосфера во партијата без влијание на Црвенковски .
Конфликтот меѓу овие две доминантни структури во партијата најмногу бил присутен при изборот на човекот кој го води центарот за комуникации на СДСМ.
Изборот на Шекеринска е биде Дамјан Манчевски додека за луѓето околу Црвенковски изборот бил новинарот на Канал 5 Роберт Поповски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


