| четврток, 6 декември 2018 |

Рудникот „Тораница“ започна со работа

Рудникот за олово и цинк „Тораница“ од Крива Паланка од денеска повторно почнува со работа. Рестартирањето на рударскиот капацитет беше одбележано со симболичен настан во општината, во соработка со новиот концесионер, бугарската компанија „Минстрој“.
За рестартирањето „Минстрој“ во Македонија ја основаше фирмата „Булмак 2016“, која доби дозвола за експлоатација на олово и цинк. Согласно договорот со Владата, „Булмак 2016“ во август годинава го рестартираше производството и во рудникот „Злетово“ во Пробиштип.

„Минстрој“ ќе ги менаџира „Злетово“ и „Тораница“ за годишна концесија од два милиона евра. По потпишувањето на договорот концесионерот најави дека ќе ги врати на работа околу 1.000-те вработени во двата рудника, со кои претходно стопанисуваше компанијата „Индо минерали“. Во двата рудника се очекува да бидат инвестирани над 20 милиони евра.

toranica

– Секоја инвестиција е добродојдена, и за градот и за државата, а рудникот „Тораница“ е поврзан речиси со сите сегменти на живеење во Крива Паланка. Поради тоа, ова е голем ден за нас. Враќање на работа и крај на неизвесноста за работоспособното население со долгогодишно искуство. Но, ова значи и подобрување на економијата во општината, подобар локален економски развој, подобрување на личното и економско живеење на сите граѓани, рече градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Во моментот во „Тораница“ се ангажирани 210 работници, инженери, стручни лица и рудари, а најавено е зголемување на оваа бројка.

– Кога првпат дојдовме во „Тораница“ наидовме на рушевина. Денес, пет месеци подоцна, можам да кажам дека ангажираните 210 лица направија напори рудникот да биде подготвен за работа. Ние вложивме многу, инвестиравме во нови машини, нови технологии и очекуваме уште механизација да пристигне до март 2017, кога рудникот ќе остварува полн капацитет на работење, изјави Николај Влканов, претседател на бордот на директори на „Минстрој“.

Тој истакна дека луѓето се најценет капитал на една фирма, а не машините и дека платата и правото на надомест кои ги заработиле се неприкосновени.

– Платите се редовни, навремени, и тоа е основна политика на компанијата. Ние имаме вкупно 3.000 вработени во нашите компании, а и овие од рудниците, како и сите останати наши работници имаат еден датум кој го почитуваме за плата, и ако тој се паѓа во сабота, ние пуштаме плата во петок, рече Влканов.

тораница пешевски димитриевНа свеченоста присуствуваше премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, кој на новинарско прашање одговори дека значењето на рестартот на рудниците е огромно.

– Како Влада и јас лично вложивме многу напори и енергија да најдеме нов, квалитетен инвеститор, почнавме со рестарт на рудниците „Злетово“ и „Тораница“. Во моментот се ангажирани 210 лица во „Тораница“, а за краток период тој број ќе се зголеми и на 450 вработени, директни вработувања и уште неколку десетици индиректни вработувања. Бидејќи „Злетово“ е во понапредна фаза, тој е и најдобар показател како работи инвеститорот, а тоа го покажува и оствареното, едно од главните ветувања дадени од страна на „Минстрој“, платите се веќе покачени за 50-60 отсто, изјави Димитриев, одговорајќи на новинарско прашање.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски рече дека рестартирањето на „Тораница“ е едно од ветувањата, дадено од Владата во изминатиот период.

toranica-2

– Целиот процес за доделување концесија за рудниците „Злетово“ и „Тораница“ помина во транспарентна и фер постапка, а најдобриот понудувач, бугарската компанија „Минстрој“, ја доби концесијата. За оваа прилика отворена е компанијата „Булмак“ во Република Македонија која ќе стопанисува со двата рудника, рече Пешевски.

Во моментов во двата рудника, додаде, активно работат околу 500 рудари, а многу скоро најави дека се очекува да започнат да работат со полн капацитет, при што бројот на директни вработувања ќе достигне над 900. – Со оглед на тоа што нивната работа ќе ја раздвижи и локалната економија во Крива Паланка и Прибиштип, очекуваме отворање и на индиректни вработувања во компании кои соработуваат со „Булмак“, при што бројот на вкупни работни места би достигнал околу 1.500 лица, потенцира Пешевски.

Тој изрази задоволство што токму оваа компанија го презема работењето на двата рудника и притоа рече дека се очекува зголемена безбедност на рударите при работата, подобри и помодерни услови за работа, како и подобри примања за вложениот труд на рударите.

Симитриев и Пешевски за тораницаСпоред последните податоци на Министерството за економија, во државава активно работат над 150 рудници претежно за експлоатација на олово, цинк, бакар, сребро и злато. Во рударскиот сектор, кој учествува со 1,5 проценти во БДП на државата, се ангажирани околу 13.000 работници. Индексот на индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во период јануари – јуни годинава, во однос на истиот период лани, бележи пораст од 3,5 проценти, а на бројот на работниците 1,4 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top