| четврток, 6 декември 2018 |

Андонов: Спасовски ги погазува елементарните законски норми врз кои почива МВР

– Од вчерашната изјава на Спасовски може да се констатира дека или не ја зборува вистината во континуитет или човекот не знае што потпишува. Но, и во едниот и во другиот случај е непрофесионален и тенденциозно ја манипулира македонската јавност - изјави Андонов

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Оливер Андонов денеска на прес-конференција истакна дека и покрај сите негови досегашни укажувања за драстичните повреди на законската регулатива и правните процедури во МВР, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и натаму продолжил со спроведување на својата зацртана партиска агенда, која, како што рече, подразбира погазување на елементарните законски норми врз кои почива функционирањето на МВР.

– Од вчерашната изјава на Спасовски може да се констатира дека или  не ја зборува вистината во континуитет или човекот не знае што потпишува. Но, и во едниот и во другиот случај е непрофесионален и тенденциозно ја манипулира македонската јавност – посочи Андонов.

Во претставката доставена до Државната комисија за спречување на корупција посочи дека ги приложил сите акти со кои се потврдува коруптивноста на неговите еднострани и незаконски распоредувања и унапредувања по донесување на одлуката за распишување предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија. Потенцира дека на јавноста ќе и ги предочи решенијата и наредбите кои тој лично ги издал и ги потпишал.

– Во наредбите кои Спасовски ги издал, а за кои тврдеше дека се со времетраење од 30 дена, во точка 3, јасно можете да видите дека задолжувањето трае додека постои потреба од извршување на наведените работни задачи, што е во директна спротивност со член 154 став 4 од Законот за внатрешни работи, врз основа на кој е донесена наредбата. Членот 154 од Законот за внатрешни работи на РМ, Спасовски го прекршува и во повеќе други наврати, рече Андонов.

Според него, незаконското распоредување и унапредување работници е видливо и во ситуации во кои работници на Бирото за јавна безбедност се распоредени во Управата за безбедност и контраразузнавање, иако тие, како што рече, не ги поседуваат потребните квалификации и безбедносни сертификати предвидени со закон.

Иако Законот за Влада предвидува двоен потпис на министерот и дополнителниот заменик-министер за сите акти и документи кои се однесуваат на правни, финансиски и кадровски прашања, наредбата, појасни, е потпишана еднострано само од Спасовски.

– Индикативно е дека најголемиот дел од наредбите за распоредување и унапредување се однесуваат на вработени во секторите за внатрешни работи кои потпаѓаат во изборните единици 2 и 4, а во кои Спасовски и неговиот ментор Заев се носители на листи. Овој податок упатува на постоење намера да се злоупотреби полицијата во функција на избирачкиот процес, а во полза на СДСМ, истакна Андонов.

Нагласи дека Спасовски предизвикал финансиски импликации нанесувајќи штета врз буџетот на Министерството кои изнесуваат речиси 25 проценти зголемување на трошоците за плати и придонеси, надвор од планираното во однос на минатиот месец.

– Неговото самоволие кулминира со неговите обвинувања на сметка на вработени во МВР и нивно поврзување со ВМРО-ДПМНЕ и политичката кампања, а во исто време му советувам да провери колкумина од неговото најблиско работно опкружување спроведуваат активна политичка кампања за потребите на СДСМ, и тоа во работно време. Пред завршување на истрагите во МВР за наводен поткуп за избори, за кои воопшто нема докази, Спасовски си дозволи да обвини политичка партија и припадници на МВР јавно заканувајќи се со суспензии, истакна Андонов.

Нагласи дека сите овие кршења на законот кои ги прави Спасовски од почетокот на неговото министерување, а на кои тој му укажувал, брзо ќе излезат на виделина пред институциите на системот.

Андонов на прес-конференцијата рече дека безбедносната состојба во Република Македонија е стабилна без речиси какви било посериозни нарушувања.

– Ваквата состојба за Република Македонија е посакувана во континуитет, но особено е значајна во овој период кога се наоѓаме во непосредна изборна кампања и пред избори – изјави Андонов и изрази надеж дека ваквата состојба ќе продолжи и понатаму.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top