| четврток, 6 декември 2018 |

Предавања на бугарски археолози за предисториски локалитети

Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) денеска организира предавања на познатите бугарски археолози Васил Николов и  Крум Бачваров од Националниот институт за археологија при Бугарската академија на науките.

Во Археолошкиот музеј на Македонија тие ќе говорат за нивните најнови истражувања на предисториските локалитети во Бугарија и за епохалните откритија што значително ги менуваат познавања за тоа далечно време.

Предавањето на проф. д-р Васил Николов е на тема „Провадија – Солницата: предисториски градски и стопански центар за производство на сол“, а на доц. д-р Крум Бачваров е насловено: „Нова Надежда: предисториска и протоисториска населба на брегот на Марица“.

– Предавањата на бугарските археолози се вовед во меѓународната научна конференција „Неолитот во Македонија II“ каде што и тие ќе имаат свое учество. На конференцијата што ќе се одржи утре во Археолошкиот музеј на Македонија, ќе бидат презентирани новите сознанија на македонските и странските археолози за овој исклучително интересен предисториски период, соопшти ЦИП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top