| четврток, 6 декември 2018 |

Дали Заев може да победи меѓу Албанците и да формира влада со Груевски?

zaev-5

Kаков ќе биде точниот резултат на изборите од 11 декември речиси е невозможно да се каже, иако се наѕираат победниците и губитниците, но, сепак, какви се чуда се можни на изборниот ден? На пример, што ако инвазивната стратегија на Социјалдемократскиот сојуз кон албанскиот електорат му донесе повеќе гласови од Албанците во Македонија во однос на ДУИ и ДПА. Дали и тогаш ќе важи принципот за коалиција меѓу партијата што освоила најмногу гласови меѓу Македонците и партијата што освоила најмногу гласови меѓу Албанците, пишува Дневник.

Односно, дали СДСМ како освојувач на најголем број албански гласови (за кои Заев испрати пораки и од албанската дијаспора во Швајцарија) би коалирал во владата на РМ со партијата предводена од Никола Груевски како победник, односно како партија што го има мнозинството кај Македонците?
Прашањето упатено до двете партии беше проследено со драмска пауза и чудење, но сепак добивме одговори.

ВМРО-ДПМНЕ: Заев не може да ги освои Албанците

Од партијата на Зоран Заев, неофицијално, велат дека во овој момент е рано да се прават хипотетички комбинации оти, според нив, изборниот ден ќе ги донесе победниците и составувачите на новата влада. Сепак, пред да ни го кажат официјалниот одговор, дополнија оти немаат намера да коалираат со ВМРО-ДПМНЕ ако на контото на СДСМ легнат најголемиот број гласови од албанската етничка заедница во земјава.

– Нашата цел е да бидеме апсолутни победници и сами да формираме влада – е официјалниот став на Социјалдемократскиот сојуз.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, не верува дека Заев ќе го освои мнозинството албански гласови.

– Човек што ги погазува сопствените национални интереси во иднина ќе погазува и други национални интереси и затоа не може да ја добие нивната поддршка. ВМРО-ДПМНЕ има цел да добие повеќе од 63 пратенички места за да може сам да ја формира владата, а во нашата програма нема поделби. Ние со проекти се залагаме за еднаков економски развој и стимулирање на економијата, образованието и сите други општествени сегменти за сите граѓани во Македонија, без разлика на етничката припадност – вели директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Kотевски.

Од 1992 до денес

Албанските партии се партнери во извршната власт како по некој непишан закон од втората влада на Република Македонија кога на првата – инаку техничка влада на чело со Никола Kљусев, Собранието ~ изгласа недоверба во август 1992 година. Следниот состав на владата го правеше Бранко Црвенковски како лидер на СДСМ и постави министри од албанската ПДП (Партијата за демократски просперитет).

Во истиот состав се формира и следната 1994 година. Четири години потоа на редовните парламентарни избори за мандатор беше избран тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, за време на чиј состав владата броеше министри од ДПА, тогаш на чело со Арбен Џафери.

Во 2002 година мандатот за состав на влада повторно е во рацете на СДСМ на чело со Црвенковски и во коалицијата тогаш меѓу СДСМ и ЛДП министерски места земаа функционери од трансформираната ОНА. Оваа влада траеше до јуни 2004 година кога е избрана нова оти на предвремените претседателски избори (поради загинувањето на Борис Трајковски) Црвенковски победи.

Негов наследник е Хари Kостов, по пет и пол месеци премиер стана Владо Бучковски, а владата е во истиот состав: СДСМ, ЛДП и ДУИ, с` до 2006 година кога се случува пресврт, односно власта ја презема коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а албански партнер во власта станува ДПА. По две години, беа распишани предвремен парламентарни избори, меѓу другото, и затоа што беше извршен притисок бидејќи ДУИ како победник меѓу Албанците не е дел од владината коалиција. Оваа влада беше реконструирана во 2009 година, а траеше до 2011. ДУИ остана партнер во власта и на следните избори и на тие во 2014 година.

Ахмети се наметнува како решавачки код

Платформата за употребата на албанскиот јазик, односно целосна еднаквост меѓу Македонците и Албанците за која Заев зборуваше уште пред кампањата, е речиси идентична со таа на ДУИ. Но тоа не значи ништо за владејачката албанска партија оти, како што рече нејзиниот лидер Али Ахмети, нема да прифатат ниедна коалиција во влада ако не се прифати нивната платформа.

– Ова значи дека ако ДУИ победи на изборите на 11 декември, при договорот за нова влада нема да отстапиме од петте заклетви или столбови на нашата платформа. Тие ќе бидат условите или пин-кодот за влез во новата влада. ДУИ и по овие избори ќе биде клучот за идната влада во која владин партнер ќе биде македонската партија што ќе го дешифрира кодот – вели функционер на ДУИ за „Дневник“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top