| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски за понудата на Заев: Измислено, препишано, нереално

Набрзина начрктани зборови, испечатени на ливчиња е програмата на СДСМ. Она што Заев го нарекува план, народот го вика клан на Заев. Несериозна работа, направена принудно, на дваесетина страници, на кои не знаеле што да стават, па ги пополниле со проекти на ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски во обраќањето пред илјадниците стружани на митингот што се одржа вечерва.

Најважно е што во тој памфлет не знаеле што да стават па пополниле со некои наши проекти кои се веќе реализирани. Но и некои работи кои мислеле дека звучат добро, но не само што не им се обмислени туку не ни кажуваат како ќе го направат тоа.

Замислете нудат евтина струја, а веќе има евтина струја секој ден од 22 до 6 часот наутро и за викендите. И тоа го нудат истите кои го продадоа ЕСМ на ЕВН и го нарекоа тоа дека е бомбона бизнис. Кажуваат така лефтерно дека ќе ги зголемиле даноците, и не се срамат од тоа. Си го кажуваат тоа како нормална работа. Потоа кажуваат дека ќе направеле гасификација како Струмица и Куманово на цела Македонија, тоа во превод значи дека нема да има гасификација, бидејќи овие два града носат гас со цистерни, без нафтовод, и плаќаат гас кој е најскап во Европа, потсети Груевски.

На брзина напишале програма колку да се рече дека имаат нешто, па ветуваат проекти кои веќе ние ги реализираме, како автопатот Скопје – Штип, Демир – Капија Смоквица, Кичево – Охрид, како и регионалниот пат Кочани – Македонска Каменица – Делчево. А на овие делници машини работат. Тоа е понудата на Заев. Измислено, препишано, нереално.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top