| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена книгата „Приказни од скопскиот парк“ од Ана Багрјана

Друштвото за издавачка дејност Македонска литера ја објави книгата „Приказни од скопскиот парк“ од украинската писателка Ана Багрјана. Книгата е илустрирана од самата авторка, а содржи раскази за деца инспирирани од Скопје и напишани за време на нејзиниот неодамнешен неколкугодишен престој во Скопје. Преводот е на Ленче Тосева.

Книгата содржи осум раскази за деца од помала возраст во кои се раскажуваат доживувања од секојдневието на децата во коишто дидактиката доаѓа од втор план, а приказната на крајот носи своја порака.

Авторката раскажува за светот на градскиот парк, односно за птиците и животните чиј дом е природата, но живат и во градот. Преку приказните за нив доаѓа до израз луцидниот, наивен и занимлив свет на децата и на живиот свет во паркот.

Багрјана (1981) е поет, прозаист, драматург и преведувач. Завршила украински јазик и литература во Киев. Автор е на повеќе поетски книги драмски дела, раскази и критички статии објавени во антологии, алманаси и литературни списанија. Изведени се претстави со пиеси и либрето на Ана Багрјана во Украина, САД и Македонија. Преведува од словенски јазици, а превела и неколку дела од македонски на украински јазик. Наградена е со повеќе украински и меѓународни книжевни награди.

Учествувала на повеќе книжевни манифестации што се одржуваат во Република Македонија, а трипати и на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Од 2009 до 2015 година привремено живееше во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top