Вардар се врати на врвот на прволигашката табела, со победа против Шкендија од 1-0 во Тетово, а не се предава ниту Хоризонт Турново, екипа што славеше против Напредок во Кичево со 2-0. За третиот кандидат за титулата, Металург, се чини дека заврши битката за трофејот, по ремито, 1-1, денеска со Работнички.
Тренерот на Вардар Благоја Милевски повлече одличен потег, во второто полувреме го уфрли во игра Филип Петров на местото на Александар Темелков, а токму фудбалерот што влезе во игра го одлучи натпреварот со гол во 73. минута.
Вардар ја задржа предноста од еден бод во однос на Турново. И Хоризонт забележа рутинска победа на гостувањето во Кичево против Напредок. Зоран Балдовалиев беше играч на одлука на мечот во Кичево. Тој ги даде двата гола за гостите, во 40. минута, и во самиот финиш. Во последните десетина минути турновци беа со играч помалку по исклучувањето на Вареловски.
Резултати 30. коло: Ренова – Брегалница 2-1, Шкендија – Вардар 0-1, Напредок – Турново 0-2, Металург – Работнички 1-1, Силекс – Дрита 1-2, Тетекс – Пелистер 0-0.
Табела: Вардар 61, Турново 60, Металург 56, Работнички 47, Шкендија 44, Ренова 41, Брегалница 40, Напредок 37, Дрита 33, Пелистер 31, Силекс 22, Тетекс 22.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


