Во романите на Џон ле Каре или Жорж Сименон, па и на Агата Кристи, речиси секогаш имате некоја таинствена личност, која обично има изглед на средовечен англиски џентлмен со мантил, чиишто ревери се кренати нагоре за да скријат дел од лицето, а шапката го покрива другиот, горниот дел, додека очите остануваат во длабока сенка. Неизоставен дел од неговата мистериозна појава е и чадорот, што овој господин постојано го носи со себе.
Обично, овој чадор е собран, како да е некаков супститут за бастун или, пак, тоа што тој чадор стои во таква позиција, можеби, сугерира на нешто друго, на оружје.
Не ретко во шпионските филмови ваквиот опскурен господин од чадорот вади долг и остар меч, кој го забива во стомакот на својот непријател. Понекогаш чадорот е маскиран пиштол, од каде што може да се истрела еден куршум, и тоа во крајна нужда, кога господинот со чадорот е приклештен во агол. Тогаш таквиот прикриен револвер може да значи спасоносна можност за преживување. Понекогаш остриот врв од чадорот е премачкан со отров и со него се вршат брзи атентати, со тоа што случајно ќе се боцне жртвата. Ваквиот тип оружје се вика „бугарски чадор“, зашто со него се служела бугарската разузнавачка служба.
Обично, во „булевар филмовите“ од педесеттите години има вакви типови со чадор. Тука амбиентот е темен, постојано врне, а чадорот е отворен. Играта на светлото и сенката во сцените од овој тип филмови создава уште поголем суспенз. Напнатоста трае, а потенцијалот на таинственоста и непредвидливоста ги доведуваат гледачите до лудило.
Но, сето тоа е дел од индустријата за забава, а само во ретки случаи станува уметност.
Уметноста е блаженство и вечност, недвојбена вистина, која малкумина ја знаат, а само неколкумина ја практикуваат. Уметноста е заштита од океанот на глупоста и грдотијата, во која живееме. Не само ние, тука, на Балканот, туку насекаде по планетава. Зошто животот е бура од фекалии, а уметноста е чадорот што нѐ штити од нив?
На симболички план чадорот е заштитник, а овој контекст може да се рашири во полно димензии. Во воената терминологија чадорот е симбол за воена инфраструктура или систем од стратегиски, тактички и воено-технолошки компоненти, кои вршат заштита на цели држави, па и континенти.
Во разузнавачката симболика чадорот е некој моќен фактор, кој му дава и му гарантира сигурност на еден шпион или на цела група шпиони, кои сакаат да ја променат страната на која ѝ служат. За време на Студената војна помеѓу САД и СССР, на „пребезите“ – кои од комунистичкиот блок бегаа на Запад кај своите нови „пријатели“ и газди – обично сигурноста им ја гарантирал некој „чадор“.
Во шпионската литература од ова време, кога дисидентите или разузнавачите бегаа преку Берлинскиот ѕид од ДДР кон БРД без соодветен „чадор“, тие бегства ќе беа невозможни, не затоа што бегството преку најобезбедуваната граница на светот не беше возможна (нема сигурносна бариера, која човечкиот ум и тело нема да ја совладаат), туку затоа што без ваков „пријател – чадор“, бегалецот тешко би се вклопил во новиот систем. Сомнежот беше енормен и секој бегалец од зад Железната завеса детално го прегледуваа и испитуваа. Всушност, противникот секогаш можеше да уфрли свои шпиони во конкурентниот систем под превезот на дисидентите.
И така, на првиот знак на сомнеж, инфилтрираните агенти од другата страна или ќе беа ликвидирани или затворени, а подоцна разменети за своите агенти, фатени од противникот, и тоа обично кај веќе легендарниот пункт на американските окупациски сили, кај берлинскиот најпознат премин за размена на шпиони – „Checkpoint Charlie“.
Тука поминале многу луѓе, на кои „чадорите“ им откажале љубов. Затоа, многу тешки моменти настапуваат за шпионите кога ќе ја загубат наклонетоста на „чадорот“. Тоа не е обична романса со елегичен амбиент во душата и многу лирска растрепереност во воздухот. Овој раскин е проследен со константна закана по животот, од едната или, пак, од другата страна. Таквата егзистенција го носи претвкусот на пеколот.
Не мал број вака заталкани агенти од кариера се најдени убиени и фрлени во некој ендек или, пак, изнуркале надуени на површината од некој канал. Луѓето се собираат на кејот и го гледаат трупот што плови.
Понекогаш, не така често, некои од овие убиени агенти имале чадор во раката. А, понекогаш во нивното торзо бил зариен чадор. Ова, секако, не ни кажува многу, освен што упатува на чадорот – како на оружје.
Но, тука енигмата расте како квасец. Зошто со чадор? Што треба да значи тоа? Дали се работи за ритуално убиство? Или, пак, можеби, се работи за некаква порака? Чадор? Дали чадорот е субјект или објект? Дали чадорот, како средство на злосторот, реферира на злосторникот и на неговиот идентитет? Прашањата се нижат во главата на добриот детектив, кој треба да го истражи овој случај без оглед на тоа за која полиција се работи, за онаа од БРД или за онаа од ДДР.
Овој истражител (детектив) не работи од идеолошки побуди, тој се става себеси во служба на граѓаните и работи исцело за нивната заштита, а на ова убиство гледа како на криминал, како на опасно поведение на некој – „чадорот“, како на манијак, кој веќе одзел човечки живот и како таков станува предмет на кривичен прогон. Во очите на добриот детектив, кој се раководи од цивилниот закон како од сублимат на традиционални морални вредности, иницирани од религијата и верифицирани низ емпиријата на животот, „чадорот“ е само обичен убиец и ништо повеќе.
Кој е „чадорот“? – Ова е главното прашање на добриот детектив, прашање кое е решен да го расветли по секоја цена и да го уапси „чадорот“, да го тргне убиецот од улиците.
Овој детектив не се шегува. Тој ќе испитува и истражува сѐ додека не го фати „чадорот“, без оглед на тоа кој стои зад него. И ништо не може да го спречи зашто добриот детектив, всушност, е самиот народ.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.