Доктор Александар Митов е магистер по јавно здравство и во интервју за „Република“ говори како исхраната ја надополнува терапијата на рак на простата.
Ноември е месец на машкото здравје. Ракот на простата е најчестото малигно заболување кај мажите. На која возраст мажите би требало да почнат да внимаваат на знаците на оваа болест?
МИТОВ: Како и кај сите малигни болести, во првата фаза нема многу јасни знаци кои рано се јавуваат и кои може да го предупредат пациентот. Рани знаци на рак на простата нема. Затоа треба да се прави ехо-преглед. Постојат два начини кои медицински се препорачани – преку физички преглед кај уролог и преку тумор маркери (ПСА) да се утврди дали евентуално постојат одредени процеси кои може да асоцираат на малигно заболување. Некаде во 40-тата година од животот е потребно секој маж да направи базично или иницијално мерење на ПСА. Да се утврди која е моменталната вредност на ПСА, за подоцна, кога повторно ќе се мери, после 10 или 15 години, да се види дали постои некој тренд, дали има зголемување или има стабилна вредност. Сепак, важно е да се знаат и симптомите. Нема специфични симптоми кои ќе алудираат само на рак на простата. Во симптоми спаѓаат зголемена потреба за мокрење, особено навечер, проблем со измокрувањето, пациентот има чувство дека не може да го доврши мокрењето, болки во карличниот дел, проблеми со ерекција, со ејакулација. Сето тоа се неспецифични симптоми кои би требало да го натераат човекот да отиде на лекар и да направи преглед.
Дали исхраната може да влијаат врз спречувањето, но и при лекувањето на ракот на простата?
МИТОВ: За среќа, многу научни студии, пред сѐ, епидемиолошки, покажуваат дека исхраната има свое дејство и при спречувањето да не дојде до развој на рак на простата, но и кај терапијата. Од аспект на спречувањето, најдено е дека ликопенот, кој го има во доматите, има многу силно заштитно дејство. Од друга страна, пак, најдено е дека храна со многу висок процент на калциум, како сирење, заситени масти и слични видови храна, може да придонесе да се зголеми ризикот и да се појави рак на простата. Препораките кај пациенти кај кои веќе се појавил рак на простата се да се употребува колку што е можно повеќе храна од растително потекло, да се намали внесувањето масти, особено на заситени, и тоа до минимум. Тука се подразбира месо, млеко и млечни производи. Исто така, мора да се намали внесот на рафинирани шеќери и рафинирано брашно. Сето тоа да биде поддржано со добар внес на течности и со редовна физичка активност.
На што се темелат препораките за исхраната кај рак на простата?
МИТОВ: Многу научни студии во последните 15-25 години покажуваат дека храната има значајно место дури и во терапијата на рак на простата. Првата студија е правена на тој начин што е избрана една група пациенти кај кои се планирало за четири недели да биде извадена простата. Четири недели пред да им биде извадена простата, биле ставени на храна доминантно базирана на растенија, со низок внес на масти, и три лажици ленено семе секој ден. Откако им била извадена простатата, кај тие пациенти биле најдени две работи. Првата е значително намалување на степенот на пролиферација на малигни клетки, односно дошло до забавување на развојот на малигните клетки. А, втората покажува зголемување на стапката на клеточна смрт кај малигните клетки. Истата научна студија е повторена на период од шест месеци, при што била земена само биопсија, пациентите биле на растителна храна и ленено семе. Шест месеци по првата биопсија е направена втора биопсија за да се види што се случува. Наодот повторно бил ист, односно покажал дека доаѓа до значително намалување на развојот на малигните клетки. Третата научна студија е на познатиот д-р Орниш, кој се смета за еден од пионерите во областа како храната дејствува во терапијата на болести. Во истражувањето на д-р Орниш учествувала група од 93 пациенти со рак на простата. Половина од нив биле ставени на растителна исхрана, со редовна физичка активност и со техники за релаксација, а другата половина била оставена да се храни по старо. Најдено е дека во првата група било забавено напредувањето на туморот до 70 проценти. Тоа се фрапантни бројки и жално е што тие не се познати не само во пошироката јавност, туку и во стручната јавност.
Како влијае физичката активност врз пациентите со дијагностициран рак на простата?
МИТОВ: Истражувањата покажуваат дека физичката активност дополнително може да го продолжи векот или дури да ја намали веројатноста за повторување на малигната болест. Според „Џон Хопкинс“, познат универзитет и болница во САД, кај пациенти со рак на простата се препорачува барем два и пол часа неделна физичка активност. Односно пет дена во неделата по половина час брзо одење. Многу научни студии покажуваат дека може да се зголеми веројатноста за преживувањето и да се зголемат шансите да не се врати болеста и до 50 проценти. Физичката активност има ефект во хемотеријата бидејќи активноста води до добра оксигенација на ткивата. Студија на „Харвард“ покажува дека со физичка активност преживувањето се продолжува. Кај рак на дојка, простата и рак на дебело црево дури може да се преполови веројатноста болеста да се врати ако има физичка активност од половина час на ден.
Постојат ли одредени прехранбени продукти за кои е докажано дека помагаат во терапијата на рак на простата?
МИТОВ: Го спомнав лененото семе, кое изобилува со лигнани. Важно е пациентите да не го перципираат како семе или вид храна што се додава во готвењето. Треба да го перцепираат како лек во најбуквална смисла на зборот, кој се дава во дози и кој треба да се внесува на редовна основа. Калинката е актуелна во овој период од годината. Таа има многу силен антитуморски ефект и во спречувањето и во проширувањето на метастазираните клетки. Потоа следуваат зелениот чај, броколите, зелената зелка. Природата ни дала многу алтернативи како ние природно да помогнеме во одбранбените механизми на нашето тело. Посебна тема се медицинските печурки кои многу силно го зајакнуваат имунитетот.
Дали има информации за машкиот инфертилитет кај нас? Колку е чест?
МИТОВ: Машкиот инфертилитет има тренд на пораст. Погрешна е перцепцијата дека неплодноста е почеста кај жените отколку кај мажите. Кај мажите, во последните 15-20 години на светско ниво, преку низа научни студии е утврдено дека доаѓа до опаѓање на квалитетот на спермата. Водечка во светот во овие истражувања е Франција. Истражувањата покажале дека во последните 16 години доаѓа до пад од 32 проценти на квалитетот на спермата кај мажите.
Како исхраната е поврзана со машкиот инфертилитет?
МИТОВ: Нашето тело е направено само да се обновува. Прашањето за исхраната е како да го споредиме телото на човекот со возило. Ако на возило кое вози на бензин му ставате бензин, може да очекувате дека ќе трае долго и ќе ве служи. Но, ако му ставате дизел, или, пак, одвреме-навреме фрлате и песок, тогаш е разбирливо дека возилото ќе страда. Ако го вратите телото на вистинската исхрана, тогаш ќе има позитивен ефект. Така и кај машкиот инфертилитет. Ако за пет проценти се зголеми внесот на заситени масти, бројот на сперматозоидите паѓа за 38 проценти. Тоа е студија која е направена на „Харвард“ и е многу загрижувачка. Таа покажува дека машкиот инфертилитет е поврзан со тоа што јадеме, што пиеме и дали сме физички активни.
Кои продукти и додатоци во исхраната се препорачуваат кај машки инфертилитет?
МИТОВ: Листата е долга. Ашваганда, аесцин, кој е присутен во дивиот костен, треба да се внесува внимателно под медицински надзор, коензим ку10, ел-карнитин, црно семе, омега 3, цинк, селен, екстракт од остриги. Низата е долга и добро треба да се направи за секој пациент одделно. И тука се препорачува физичка активност.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
(интервјуто е објавено во 219. број на Неделникот Република на 11.11.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)