Избирачкиот список во Македонија брои 1.783.715 гласачи. Оваа официјална бројка на гласачи од Државната изборна комисија ги закопа сите тврдења на СДСМ и на нејзиниот лидер Зоран Заев изнесени веднаш по изборите во 2014 година, тврдења со кои ја започнаа најдолгата политичка криза во државата. Политичката криза сѐ уште ја тресе државата и, секако, не се задржа само на оспорувањето на изборите поради „фантомски гласачи“, но тоа негирање одигра огромна улога во креирањето слика и недоверба во наводен недемократски систем на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа оваа бројка на гласачи, која по сите прочистувања со методологија прифатена и од СДСМ, а која е за 3.000 гласачи поголема од оспоруваниот список со наводни половина милион „фантоми“, фрла ново светло кон вистината за борбата за „слобода и за демократија“ на Заев.
За потсетување, Заев не дочека ниту да почне пребројувањето на гласачките ливчиња, а обвини за изборен грабеж, за недемократски избори, за фалсификат на изборите и за постоење „фантомски гласачи“. ДИК, сепак, пресмета дека разликата меѓу гласовите за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ со коалициите била 200.000 гласа. Тоа беа и 200.000 причини Заев две години да манипулира со бројката на „фантоми“. И не само за поразот во 2014 година, СДСМ потоа влезе во негирање на сите изборни порази во десетината соочувања со народот и со ВМРО-ДПМНЕ. Избирачкиот список сега мина низ сите филтри на прочистување, а тоа не можат да го негираат ниту од СДСМ. Сепак, списокот двапати беше главна причина за одложување на изборите, а со тоа и дополнително продолжување на кризата.
Не можеме да не се навратиме на сите пребројувања на „фантомите“ изнесени од СДСМ. На почетокот на кризата дознавме дека Заев, кој во кампањата во 2014 година се прогласуваше за иден премиер, бил свесен дека СДСМ ќе ги загуби изборите. Јавноста прво го виде разговорот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во кој признава дека и анкетите што ги спроведувал СДСМ покажувале дека ќе загуби со „7-8 проценти“, што статистички на терен значи разлика од околу 150.000 гласа. Заев потоа во интервју признава дека бил свесен дека го чека пораз, па почнаа манипулациите со евентуална разлика од 20 до 30 илјади гласа.
И тргна возот со лицитирање со „фантоми“. Радмила Шекеринска, десната рака на Заев, јавно посочи на 330.000 „сомнителни гласачи“, потоа зголеми на 500.000 имиња од списокот. Заев, пак, настапуваше со бројка 200-300.000 гласови кои се вметнувале во кутиите, па се навраќаше на половина милион, за по неколку брзи математички операции да пресмета дека „372.000 остануваат спорни и сомнителни“. И партискиот генерален секретар, актуелен технички министер во МВР, Оливер Спасовски, калкулираше со „фантоми“ и бројката на „реални“ гласачи, која ја заокружуваше на 1.500.000. Сепак, тој одигра неколку сериозни улоги во „фантомизирањето“. Прво, заедно со прв човек на ДИК, Александар Чичаковски од СДСМ, креираа атмосфера за „лов на вештерки“ објавувајќи список во „сурова форма“ од МВР, на јавен увид на веб-страницата на ДИК, што дури и претходниците на Чичаковски го оценија како намерно креирање хаос во предизборието за закажаните, па одложени избори на 24 април.
– Оваа апликација, ако веќе ја објавува, требаше да ја објави веднаш кога ги добиле податоците – а тоа е 1.12.2015 година. Бидејќи не стои зад податоците во оваа апликација, освен тоа што кажува дека тоа се податоци ажурирани од Заводот за статистика, не кажува дека се нејзини. Значи, ДИК се вклучува директно во хаосот – оцени во март Александар Новаковски, додека Никола Рилковски искоментира дека се креира недоверба во Избирачкиот список:
– Направи конфузија, евидентно е дека направи затоа што многумина се заинтригираа… Со ваквата ситуација недовербата е порасната – додаде Рилковски.
Спасовски во мај годинава со поединечни писма од членовите на ДИК побара да бидат избришани повеќе од 138.000 гласачи – полнолетни граѓани, бидејќи имале валидни патни исправи, но немале важечка лична карта. Комисијата го одби и во колективно писмо му го објасни Изборниот законик, во кој пишува дека „во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа“.
Лични карти, како документ, во оваа криза неколку пати беа во игра. Не смее да се заборави дека околу 10.000 граѓани не можеле да си ги подигнат изработените документи од МВР затоа што биле одземени од СЈО, по наводи од СДСМ за наводна злоупотреба во изборни цели. Но, опрема за производство фалсификувани лични карти заедно со Избирачкиот список на Општина Центар и 120 илјади лични податоци на граѓани, беа најдени и во импровизираната фабрика на сопартиецот на Заев и Спасовски, Захир Бекири – Чауш. Оттогаш, се чини, „фалсификувани документи злоупотребени во изборни цели“ исчезна од речникот на СДСМ.
Во целото прочистување на списокот по мерка на СДСМ, мора да се нагласи и циркусот што го предизвика јавниот увид на неконзистентни записи во Избирачкиот список, односно оние кои по методологијата на чистење од „фантомите“ требаа(т) да спроведат форма на активна регистрација. Погодени од тоа што се посочени како „фантоми“, голем број членови, активисти, јавни поддржувачи и членови на нивните пошироки семејства блиски до СДСМ, дури и одбиваа(т) да се пријават во списокот и да ја исправат „историската грешка“. Тука потсетуваме на „фантомската“ сестра на Шекеринска, на Мирјана Најчевска, на Гордан Георгиев, Јани Макрадули, Благој Ханџиски, семејството Цановски, Ерол Ризаов, Ида Протуѓер… Но, сето тоа произлезе од методологијата прифатена со намера да се покаже дека нема „фантоми“.
– ДИК со меѓународните експерти од ИФЕС создаде и усвои 32 прашања како да се проверат граѓаните. Некои од прашањата можеби беа нелогични, но ги прифативме за да може да го исцрпиме прашањето дека во Македонија постојат фантомски гласачи – посочува Субхи Јакупи, член на ДИК.
Македонија со оспорувањето на Избирачкиот список мина многу турбулентен период. И прочистувањето, но и докажувањето дека „фантомите“ беа само уште една измислица на СДСМ, сега се само дел од решението за излез од кризата, а тоа се кредибилни избори со прочистен Избирачки список. Сега на СДСМ останува пред изборите јавно да застане и да ја враќа довербата на јавноста во Избирачкиот список по две години негово оспорување. Но, и да објаснат притоа за оспорувањето на 200.000 гласа разлика од 2014 година, за „фантомите“, напуштањето на парламентот, оставките, идејата за бришењето на 138.000 избирачи, па и што барале Избирачкиот список и личните податоци на центарци кај Чаушот…
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 218. број на неделникот „Република“, 4.11.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.