Помеѓу мајсторите на еснафите од времето на големиот градителски бум во периодот на готиката во северозападна Европа, кружеше една изрека – „Секоја тула сака да стане катедрала“, а оваа мудрост го карактеризира ренесансниот дух, кој ќе следува во следните векови и ќе почне да ја оформува европската цивилизација станувајќи еден силен културолошки агенс, еден синхроницитет во градењето на универзалниот европски (па и светски светоглед, преку колонијализмот) карактер, составен од неверојатен мозаик на народи и менталитети, но овојпат интегрирани преку христијанската вера и новооткриените естетски и научни вредност на антиката, кои сите овие култури ги споделувале под капата на илјадагодишната Римска Империја.
Сега, во тој фасцинантен „чинквеченто“, Европа и нејзините најпотентни кралства добија невидени перспективи, шанса да прераснат во империи.
„Секоја држава сака да стане империја, секој војвода – император“, парафраза за неверојатните капацитети на политички и освојувачки план, кои се создадоа за неколкуте европски монархии, пред сѐ, за оние кои имаа развиено морепловство, со кое почнаа да апсорбираат под своја власт непрегледни колонии на новооткриените континенти благодарејќи ѝ на технологијата и истражуваштвото, кои во 15 и 16 век направија чекор, кој дотогаш Европејците не го беа направиле во својата пишана историја.
Одеднаш, забревтаната и амбициозна европска цивилизација во новите простори се судри со примитивни заедници, кои како да дошле од праисторијата.
Во името на верата, а уште повеќе во името на профитот, европските освојувачи лесно ги истребија оние домородци кои си ги бранеа територијата и културата, и зацаруваа со неочекувано големи ресурси и пространства.
Просто е шокантно како неколку европски кралства синхроно се претвораа во империи, и покрај нивните меѓусебни судири. Англија, Шпанија, Португалија, Франција и Холандија окупираа така големи простори што добија географски габарит на империи – египетската, персиската, македонската или, пак, римската.
Некои од овие суперразвивачки кралства се ширеа територијално со таков прогрес што и водачот на Монголците, Џингис-кан, би им позавидел.
Не наидувајќи на никаков отпор од луѓето, кои беа толку далеку од моќта на воената технологија на европските освојувачи, белиот човек почна да зафаќа сѐ повеќе и повеќе, а до скоро слободните и сродени со природата домородци го видоа пеколот на ропството. Од 15, па до 17 век, од новите светови доаѓаа огромни богатства. Главните градови на овие нови империи, од мали паланки со големи катедрали, се претворија во богати мегалополиси со стотици илјади, па и милиони луѓе. Во времето на барокот – културен стил, кој ја одрази европската супериорност и раскош, а кој се прошири и по колониите, фертилизирајќи го светот со култот на бесконечната надеж во светлата иднина, Европејците од овие империи почнаа веќе да го моделираат според своите парадигми поголемиот дел од светот.
Тоа беа вистински империи, политички и економски системи, кои контролираа десетици милиони квадратни километри и стотици милиони жители на планетава.
Во викторијанска доба, просветленото време на кралицата Викторија, Британската Империја стана толку голема што се создаде поговорка дека во ова царство сонцето никогаш не заоѓа.
Во тоа време Британската Империја контролираше територија поголема од 44 милиони квадратни километри, што би било речиси простор, во кој би можеле да се сместат две површини на подоцнежната комунистичка империја – Советскиот Сојуз, кој пред падот на режимот на болшевиците имаше околу 22 милиони квадратни километри и беше неспоредливо најпространата држава во светот. Но, иако оваа катастрофа на СССР, кој се распадна пред 25 години, резултираше и со територијална дисолуција, Руската Федерација е сѐ уште најголемата по површина држава на светот со 18 милиони квадратни километри.
Денес сме сведоци на постоењето на само три империи. Оние, европските колонијални империи во времето на модернизмот и по двете светски војни отидоа во минатото. САД, Русија и Кина се тие три империи, кои денес и во догледна иднина ќе се борат за своите интереси и доминација на светската геостратегиска и геополитичка шаховска табла.
Тоа што идеолошките принципи во сите овие држави како да се поклопуваат низ призмата на либералниот капитализам, сепак во нив има големи културни и менталитетски разлики, толку автентични и оригинални, што секоја од овие империи, всушност, зрачи како цивилизација – кажано во духот на Хантингтон.
Империи се појавувале низ целата историја на светската сцена, од оние митолошките, како царството Му или Атлантида, па до историските, како египетската, асиро-вавилонската, персиската, македонската, кинеската, римската, монголската, византиската (Источното Римско Православно Царство), руската, турската, британската, австро-унгарската, француската, шпанската, германската (во времето на Хитлер), комунистичката (од времето на Ленин и на Сталин, па сѐ до Горбачов), американската (либерална империја, која е сѐ уште најмоќната во светски рамки, но во фаза на пропаѓање) и јапонската до пред крајот на Втората светска војна кога е уништена со атомски бомби од страна на САД.
Сепак, најпоетска и најопеана по своето величие и фасцинантност е Македонската Империја, создадена од најголемиот војсководец на сите времиња и, воедно, најхаризматичниот цар во историјата на човештвото – Александар Трети Македонски, наречен уште и Велики.
Таа империја ќе трае цели три века, и покрај краткиот живот на царот над царевите – Александар Велики, кој почина на 33 години во Вавилон, далеку од својата родна Македонија. Иако светот толку многу го слави овој неверојатен лик, од кој се инспирираа многу уметници, поети, историчари, но и најголемите творци во уметноста на рокенролот, како Џим Морисон, Роберт Плант или Дејвид Боуви, зошто ние, Македонците, кои сме негови историски потомци, не би го славеле и не би покажувале почит кон неговото историско величие, кое е несомнено и неспоредливо, дури и во светски рамки.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.