Книгата „Живот вреден за живеење“, во издание на „Или-Или“ ќе биде промовирана в недела, 6 ноември, во 12.30 часот во „МКЦ клуб ресторан“. Автори се Мимоза Петревска Георгиева и Емилија Георгиевска Наневска, а фотографиите се на Драги Неделчевски.
Таа претставува збирка на 15 лични приказни на родители, сестри/браќа на деца и младинци со пречки во развојот. Автори се Емилија Георгиевска-Наневска (психолог, предавач на универзитетите „Сафолк“ и „Сент Луис“ во Мадрид) и Мимоза Петревска Георгиева (новинарка во „Нова Македонија“) и двете мајки на девојчиња со посебни потреби. Фотографиите се на Драги Неделчевски од Тетово, татко на момче со церебрална парализа.
Книгата опфаќа исповеди на членови на најтесното семејство за нивните најблиски со различни видови попречености (Даунов синдром, церебрална парализа, аутизам и други ретки болести) кои произлегуваат од различни социјални, верски и етнички контексти. Таа е пионерски и значаен потфат кој ќе мотивира многумина во прифаќањето и споделувањето на нивните искуства. Книгата има и едукативен и терапевтски карактер. Покрај описот на дијагнозата и секојдневието на детето, родителите пишуваат за терапиите, социјалните и семејните односи, интегрирањeто во градинка/училиште, само-грижата и нивните начини на справување, a даваат и сугестии за тоа како може да се подобрат условите за живеење на овие деца кај нас.
Во книгата се застапени и дел од децата со попреченост со кои правиме куси разговори, со цел да се чуе и нивниот глас.
Книгата „Живот вреден за живеење“ ќе ја промовира писателот Гоце Смилевски, кој во својот осврт вели:
-Станува збор за една од оние книги чие објавување претставува неопходност. Неопходност, за да научиме како подобро да ја сфатиме и прифатиме различноста, но и како да се сфатиме и прифатиме самите себе. „Живот вреден за живеење“ е дело кое ни ја открива срцевината на нашето постоење – самата вредност на нашиот живот кој се остварува низ односот кон себе и односот со другите. Тоа е книга која, доколку сме отворени за нејзината содржина онака и онолку како и колку што нејзината содржина е отворена за нас, може да нè научи како, преку запознавање на различноста и другоста, да допреме до самите себе.
Втората промоторката Каролина Костадиновска, пак за овој потфат подвлекува:
-Сакам да го изговорам за мене магичниот збор Поддршка – прекрасен процес кој ни овозможува да се потпреме на другиот / другите и да престанеме за миг да го влечеме животниот товар сами и да престанеме за миг да бидеме Супер Храбри и Силни, 24 часа секој ден. Поддршката од другите му праќа сигнали на нашиот мозок и тело дека не сме сами на патеката, тоа значи поделен страв и поделена одговорност , барем за миг. Поддршката значи да земеме Здив и да се почувствуваме себе си.
Би сакала да можам да помогнам да си го вратите Здивот или тој да трае барем малку подолго. Имам и неколку идеи како да дојдете до повеќе воздух во вашата спринт трка која се претвара во долг маратон.
Книгата е поддржана од Министерството за култура на РМ, Еуростандард банка, „Осигурување Македонија АД Скопје, Виена иншуренс груп“ и голем број наши пријатели и поддржувачи на оваа приказна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.