| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена „Зборот остава траги“- Збирка интервјуа што ги надминуваат границите на своето време од новинарот Тони Димков

Издавачката куќа „Магор“ со огромно задоволство ве известува дека во едицијата „Дијалози“ излезе од печат книгата „Зборот остава траги“ на Тони Димков, реномиран новинар од областа на културата и уметноста.

Книгата „Зборот остава траги“, со поднаслов „Збирка интервјуа што ги надминуваат границите на своето време“, е прв заокружен публицистички труд на долгогодишниот и реномиран новинар од областа на културата и уметноста Тони Димков и содржи разговори со плејада истакнати личности и дејци од уметничкиот живот во Република Македонија – при што авторот успева да постигне изворно и прецизно портретирање на личностите, како и на поширокиот социо-културен контекст, во кој живеат и творат самите автори.

Станува збор за 21 интервју со истакнати творци, како Матеја Матевски, Љупка Џундева, Ферид Мухиќ, Илија Пејовски, Киро Урдин, Слободан Унковски, Оливер Белопета, Вања Лазарова, Душко Димитровски, Глигор Чемерски, Дејан Дуковски, Венко Андоновски, Илинденка Петрушева, Никола Ристановски, Владимир Блажевски, групата „Фолтин“, Сергеј Андреевски, Иван Џепароски, група „Бернајс пропаганда“, Петра Селишкар и Бранд Ферро, како и интервјуа со меѓународно афирмирани личности, како Желимир Жилник и Фред Келеман.

Заедничката нишка, што ги поврзува споменатите интервјуа е содржана во длабокото понирање низ биографијата на селектираните соговорници, како и стремежот за проникнување во срцевината на нивната уметничка егзистенција.

toni-dimkov-f3

Со својата долгогодишна новинарска работа, остварена во повеќе печатени, дневни и периодични, списанија и електронски медиуми, Тони Димков привлече широк круг на читатели, кои веќе го препознаваат неговиот авторски ракопис. Неговите интервјуа изобилуваат со корисна фактографија, а нарацијата на соговорниците во нив се одвива спонтано и отворено.Портретите на интервјуираните личности се автентично изработени – со документаристички, занаетски, филигрански потези.Читајќи ги интервјуата на Димков секогаш сме сигурни дека добиваме актуелен, релевантен и педантно спакуван текст.

Тони Димков (1969, Скопје) е новинар од областа на културата и уметноста кој со години ги следи творештвото на македонските уметници од повеќе области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во Република Македонија.

Во повеќе од 25-годишната работа во оваа област професионално бил ангажиран во повеќе електронски и печатени медиуми, како Македонска телевизија, неделните списанија „Глобус“, „Граѓански“ и „Форум“, дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, месечните списанија „Арт Републија“ и „Лајф магазин“. Од почетокот на 2014 година ја подготвува рубриката за култура во интернет-порталот „МКД.мк“.

Во текот на неговата 25-годишна професионална работа има подготвено повеќе од 500 тв-прилози и стотици интервјуа и текстови од областа на културата и уметноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top