| четврток, 6 декември 2018 |

Јувентус со проблеми во нападот, Дибала ќе паузира повеќе од еден месец

paulo-dibala

Јувентус ќе се соочи со криза во офанзивната линија откако беше обелоденето дека тренерот Масимилијано Алегри подолго време ќе мора да се снаоѓа без помошта на Пауло Дибала и на Марко Пјаца.

Дибала се повреди на дербито со Милан и во таборот на „старата дама“ се надеваа дека паузата нема да биде премногу долга. Сепак, аргентинскиот селектор Едгардо Бауза обелодени дека талентираниот напаѓач ќе мора да отсуствува најмалку еден месец од терените.

– Дибала беше повикан за претстојните квалификациски натпревари, но нема да игра бидејќи по најновата повреда ќе мора да паузира најмалку 30 дена – откри кормиларот на аргентинскиот национален тим.

Проблемите за Алегри се уште поголеми откако беше обелоденето дека и Марко Пјаца воопшто не е блиску до камбек. Последните прегледи врз хрватскиот офанзивец покажале дека неговата рехабилитација во последните 20 дена „стоела во место“, па сега со нови третмани ќе се обидат да го оспособат за настап, но најмалку за 40 дена.

Ова го остава стратегот на „старата дама“ со само двајца здрави напаѓачи, Игуаин и Манџукиќ, во период во кој следат неколку тешки натпревари, почнувајќи со саботното дерби против Наполи, па потоа и новиот дуел со Лион во рамките од ЛШ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top