| четврток, 6 декември 2018 |

Шанса за МЗТ Скопје, Цедевита отпушти тројца кошаркари пред дуелот во Скопје

cedevita

Македонскиот шампион МЗТ Скопје вечерва во СЦ „Јане Сандански“ ќе го одигра вториот натпревар во Еврокупот, прв на домашен терен против екипата на Цедевита.

Прашање е каква ќе биде атмосферата во редовите на хрватскиот шампион откако утрово беше обелоденета одлуката клубот да се раздели од тројца кошаркари, Скот Хопсон, Дејвид Стоктон и Дује Дукан. Тројцата беа најавувани како големи засилувања за тимот на тренерот Вељко Мршиќ, од нив само Хопсон ги оправда очекувањата со добри настапи, но раководството сепак реши да се раздели и од овој кошаркар.

– Една работа е јасна – за слабиот старт на сезоната не се виновни само тие тројца играчи, туку целиот тим на чело со мене. Сепак, мораме да реагираме, да повлечеме потег со кој тимот ќе се разбуди, а јасно е дека во такви ситуации најчесто први страдаат странските кошаркари. Хопсон е предобар играч, но екипата со него не функционира и затоа решивме да му дозволиме да си замине. Што се однесува до Стоктон и Дукан, тие може да играат во вториот тим додека не најдат нови ангажмани – изјави тренерот Мршиќ.

Цедевита претрпе порази во првите две кола од Еврокупот (на гостински терен против Гран Канарија и пред своите гледачи од Лиеткабелис), а задачата да се стигне до прва победа токму во Скопје против МЗТ нема да биде нималку лесна по заминувањето на овие тројца кошаркари.

Само за потсетување, значително ослабен ќе биде и тимот на МЗТ Скопје, по повредите што ги заработија Клоф, Дреновац и Симоновкси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top