Дојде во Македонија за да го исполни аманетот од баба му, која пред да почине го замолила барем еднаш да ја види земјата од која потекнува неговата мајка, но плановите се промениле. Марк де Јонг веќе трета година живее во Македонија. Овде гради нов живот, од почеток. Кога ќе го запознаете, тој остава впечаток дека е, навистина, горд што има македонско потекло. Тој и покрај белгиското државјанство патува со македонски пасош и ја претставува Македонија на највисоко ниво. Де Јонг за „Република“ открива дека во Македонија повторно почнал да верува во љубовта
Кога првпат стапнавте на македонска територија?
Марк: Дедо ми во 1958 година доаѓа во Брисел, а по земјотресот во Скопје, во 1963 година, доаѓа и другиот дел од семејството, баба ми, мајка ми, тетка ми и вујко ми. Тие веќе никогаш не се вратиле назад, но пред три години, заедно со вујко ми, кој дојде во Скопје првпат по 50 години, јас првпат стапнав на македонска територија. Прво дојдов на неколку дена да ги запознаам роднините овде и земјата. И, навистина, ми се допаѓаше. Се вратив повторно во Белгија и по извесен период решив пак да ја посетам Македонија и останав тука. Имав аманет од баба ми еден ден да се вратам во оваа земја. Роден сум во Белгија, пораснав со баба ми, дедо ми и со вујко ми. Тие ме научија да зборувам македонски, да јадам македонска храна, преку нив ја запознавав земјата. Баба ми ми готвеше полнети пиперки, кокошка со ориз и свински опашки со зелка, најчесто прилепски специјалитети бидејќи нејзиното потекло е од Прилеп. Таа ја всади во мене љубовта кон готвењето.
Како бевте прифатени на почетокот од луѓето овде?
Марк: Овде луѓето се многу отворени, сакаат да ве запознаат. Но, како и секаде во светот, и овде има луѓе за кои важи правилото за природна селекција. И полека, како што поминува времето, добрите остануваат, лошите се ставаат настрана. Иако, за разлика од белгискиот народ, тука има повеќе топлина, овде на чија врата и да тропнеш, со насмевка ќе те примаат. Во Белгија треба неколку денови однапред да се најавиш за некому да му отидеш на гости. Овде и кога без најава ќе отидеш во нечиј дом, масата е секогаш полна, луѓето се насмеани, тука има срдечност каква што ја нема никаде на светот.
За белгискиот народ велат дека ужива во многу храна, има ли големи разлики во белгиската и во македонската кујна?
Марк: Кога зборуваме за храната, морам да истакнам дека и за двете земји е многу важен квантитетот на храната. И во Белгија, како и овде, луѓето сакаат на масата да има многу јадење. Додека вкусовите се сосема различни. Не се употребуваат исти зачини. Традиционалната белгиска кујна се готви на ист начин како македонската, треба да се вари долго време, се употребува многу зеленчук. Но Белгијците имаат други навики, повеќе се готви со вино, со пиво, таму има и специфични намирници што ги нема овде.
Ви недостигаат ли намирниците од Белгија за да можете еден специјалитет да го направите да биде токму како што сте го замислиле?
Марк: Искрено да ви кажам, не. Јас со текот на времето се научив да готвам токму со намирниците што ги има во Македонија бидејќи од седумдесет до деведесет проценти од тоа што ми е потребно го има овде. Тука, за разлика од други земји, сѐ уште има многу здраво овошје и зеленчук, кои не се прскани. Јас се трудам да ги научам луѓето да готват на мојот начин.
Гурмани ли се Македонците?
Марк: Македонците се големи гурмани, иако тешко се решаваат да пробаат храна зготвена на поинаков начин, но откако ќе вкусат, најчесто велат: „ Зошто јас не го готвам така“? Ми бараат рецепти, за подготовка на храна се советуваат со мене дури и преку социјалните мрежи. Јас многу сакам да ги споделувам моето знаење и искуство со луѓето. Со задоволство им помагам.
Со Вашите вештини во готвењето Ве гледаме и на многу меѓународни натпревари, прв во Европа, шести во светот, применувате ли веќе некои од македонските намирници таму?
Марк: Да, најчесто зачините. А сега, кога бевме во Турција, готвев патка со вино од Македонија. Мојата кујна се смени откако дојдов во оваа земја. Порано бев повеќе месар, сега готвам храна со многу зеленчук.
Сметате ли дека македонската кујна е доволно промовирана надвор?
Марк: Македонците одлично ја познаваат македонската кујна, специјалитетите се уникатни. Но сметам дека треба повеќе да биде пласирана и надвор од државата, да ја запознае светот, но да биде приготвена на современ начин.
Кога сакате да поминете време надвор од работните обврски, каде сакате да се релаксирате?
Марк: Имам две места овде во Македонија што многу сакам да ги посетувам. Го сакам Галичник. Одушевен сум од тоа место, природата, храната, многу ми се допаѓаат. Второто место е Охрид. Овој град го сакам токму во ова време од годината и преку лето, бидејќи е малку посвежо. Многу го сакам езерото, ми изгледа како море, не можам да кажам дека тоа е езеро. Кога одите во Белгија на море имате мал дел пред себе, додека кога сте во Охрид имате синило пред себе. Многу е убаво , луѓето се гостопримливи, ми се допаѓа храната и начинот како се приготвува пастрмката.
Ја чувствувате ли веќе Македонија како свој дом?
Марк: Да. Овде сум свој на своето. Дома сум. Јас решив да останам да живеам тука. Сега можам да кажам дека до крајот на мојот живот ќе живеам овде. Планирам да изградам и свое живеалиште во оваа земја. Имам македонски документи, лична карта, пасош. Работам тука како професионален готвач, снимам емисија. Во градинките, преку моите рецепти, помагам децата да здобијат здрави навики во исхраната. Овде сум среќен и исполнет. Во Македонија го пронајдов својот мир, овде имам време и за работа, но и за социјален живот. Луѓето, особено децата, навистина реагираат пријатно кога ќе се сретнеме на улица, тука почнав повторно да верувам во љубовта.
Вие сте татко на веќе возрасни ќерка и син, кои сѐ уште живеат во Белгија. Што мислат тие за вашата одлука?
Марк: Знаете како, кога ќе отидете некаде на одмор, супер ви е, но поминува време и сакате да се вратите назад. Син ми постојано доаѓа, но поради обврски повторно се враќа. Ќерка ми неодамна изрази желба да дојде на подолго во Македонија. Таа многу сака деца, па ако, навистина, реши да остане, ќе ја вклучам во моите ангажмани за здрава исхрана на децата.
Ајвар по рецептот на Марк:
Смесата се состои од 70 проценти црвени пиперки, 15 проценти модар патлиџан, 15 проценти тиквици, во неа се става масло (една половина сончогледово, една половина маслиново), лук, мајчина душичка и жалфија (свежи). На крај малку оцет и шеќер.
Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во 216 број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!