Легендарниот тениски тренер, Ник Болитиери повторно наведе дека Новак Ѓоковиќ е најсовршениот тенисер во историјата кој го има видено, дури и пред Роџер Федерер. 85-годишниот Американец, кој во текот на својата богата тренерска кариера создаде многу тениски великани, исто така вели дека Федерер е дар од Бога, а за Надал рече дека е тешко повторно да игра врвен тенис.
– Тенисот сега има неколку млади таленти, но ниту еден од нив нема потенцијал да го достигне нивото на Ѓоковиќ. Тој е најсовршениот тенисер кој сум го видел во овие 60 години. Тој нема слаби страни, ментално и физички е подобар од Федерер за кого можам да кажам дека е дар од Бога. Доколку сака нов Грен слем трофеј, Федерер ќе мора многу почесто да излегува на мрежа, само така ќе ги скрати поените. На тенисот потребно му е тој повторно да победува. Надал не е тоа што беше, тој загуби многу во последниот период. Сигурен сум дека нема повторно да доминира, само заради една причина – кога противниците повеќе не ти се плашат, тогаш си во невоља – вели Болитиери.
Моментално во фокусот на тениската јавност е борбата за првото место меѓу Ѓоковиќ и Мареј, а Болитиери нив двајцата ги нарече „животни“.
– Погледнете како се подготвуваат за сезоната, па тие се вистински „животни.
Низ неговата богата тренерска кариера Американецот беше учител на голем број на тениски асови, а меѓу најпознатите се: Андре Агаси, Моника Селеш, Џенифер Капријати, Томи Хас, Мартина Хигинс, Кеи Нишикори, Ана Курникова, Марк Филипусис, Пит Сампрас, Серена и Венус Вилијамс, Марија Шарапова и многу други…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.