| четврток, 6 декември 2018 |

Почна „Технома 2016 година“: Се промовираат иновации и технологии

- Клучот за економски развој на земјава е во развојот на приватниот сектор, така што тој ќе биде во состојба да искреира производи и услуги кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар. За да се постигне тоа, Владата на Република Македонија е насочена кон креирање поволно деловно окружување кое ќе ја поттикне иновативноста на домашните компании, а воедно ќе го поддржи и внесот на нови технологии преку влезот на странски инвестиции, рече Миновски на отворањето на саемот

Скопски саем од денеска е домаќин на 42. издание на Меѓународниот саем „Технома“ во Скопје на кој се претставуваат повеќе од 160 изложувачи од Македонија, Италија, Австрија и Германија од областа на металургијата, електротехниката, енергетиката, градежништвото, обезбедувањето и заштитата.

Петдневната саемска манифестација нуди промоција на достигнувањата во иновациите и новите технологии, можности и поттик за нови бизниси преку претставување успешни приказни, дебати за потребите на фирмите од повеќе области….

Според министерот за финансии Кирил Миновски, „Технома“ како манифестација што постои 42 години, е најдобар пример за конкурентност преку промовирање на иновативноста и на знаењето.

– Клучот за економски развој на земјава е во развојот на приватниот сектор, така што тој ќе биде во состојба да искреира производи и услуги што ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар. За да се постигне тоа, Владата на Република Македонија е насочена кон креирање поволно деловно опкружување, кое ќе ја поттикне иновативноста на домашните компании, а воедно ќе го поддржи и внесот на нови технологии преку влезот на странски инвестиции – рече Миновски на отворањето на саемот.

Фирмите во Македонија, укажа министерот за финансии, имаат меѓу најниските даночни оптоварувања во светот, што им остава простор тие средства да ги инвестираат во унапредување на производствениот процес и во ширење на дејноста.  На развојот на иновативноста и воведувањето нови технолошки процеси во производството на македонските компании имаат влијание и странските инвестиции, кои своето искуство го пренесуваат на домашните фирми.

Во насока на унапредување на конкурентноста и иновативноста, наведе  Миновски, се и мерките кои ги презема Владата за развој на претприемништвото, како што се активните мерки на Агенцијата за вработување, преку кои се даваат грантови и кредити за самовработување и отворање на сопствен бизнис.

– Ефектот од мерките за зголемување на конкурентноста на македонското стопанство најдобро се огледа преку континуираниот раст на извозот на македонските производи. Уште еден показател за растот на конкурентноста е структурата на извозот. Ако пред десет години учеството на машини и транспортни уреди во вкупниот извоз изнесувало само пет отсто, сега тоа изнесува 25 отсто. Тоа значи дека учеството на производи со повисока додадена вредност повеќекратно се зголемува – рече Миновски.

Посебен дел на „Технома“ е одвоен за старт-ап авенијата на Фондот за иновации и технолошки развој. На посебен настан „Техноинвент“ се претставуваат над 30 старт-ап компании, како и организации од областа, а планирани се работилници, презентации и конференции.

Со презентирање примери на успешни бизниси, Фондот, како што истакна директорката Јасмина Поповска, сака да ги охрабри  сите кои имаат добра идеја да почнат бизнис или да основаат свој старт-ап.

– Не секогаш е потребна само финансиска помош, којашто ја нуди Фондот, туку и мотивација да видат  успешни примери во старт ап  авенијата и на планираните работилници и конференција. Се надевам дека овие приказни на успешни претпримачи ќе ги мотивираат да се охрабрат и да влезат во водите на бизнис секторот. Оние, пак,  кои веќе почнале и воведуваат иновативни решенија сакаме да ги поддржиме и да им помогнеме да обезбедат полесен раст на сопствениот бизнис – рече Поповска.

Преку Фондот за иновации досега се поддржани 33 компании со 1,3 милиони евра, а во тек е и доделување нова транша од 450.000 евра.

Извршниот директор на Скопски саем Даниела Глигоровска порача дека добрата промоција и одличниот прием кај  деловната публика е клуч за успех и раст на секоја фирма која изложува директно или индиректно на саемската манифестација. – Да се учествува на саем значи да се биде секогаш чекор напред на пазарот и постојано прилагодување на условите на пазарот и на иновациските циклуси во индустријата, нагласи Глигоровска.

Значењето на „Технома“ го истакна и унгарскиот амбасадор во Македонија Ласло Иштван Дукс, посочувајќи дека присуството на повеќе унгарски фирми на саемот е можност да се зајакне економската соработка меѓу двете држави. – Инвестиците во  развојот на  регионалните патишта и железници, односно планираната обнова на директната воздушна линија меѓу Скопје и Будимпешта се надеваме дека ќе придонесат за развој на стопанските односи и се повеќе мали и средни фирми ќе најдат меѓусебни контакти – рече Дукс.

Паралелно со „Технома“ на Скопски саем се одржуваат и 4. Саем за транспорт и логистика, 17. Меѓународен саем за занаетчиство и мало стопанство, како и 37. Меѓународна изложба на иновации – МАКИНОВА.

На Саемот за транспорт и логистика на површина од 1.000 метри квадратни изложуваат транспортни компании, пристаништа, транспортни асоцијации, логистички центри, терминали и царински складишта од Македонија, поширокиот регион, Германија, Австрија, Швајцарија, Албанија,…

Работното време на саемот е од 10 до 19 часот. Влезницата  за поединечни посети е 90 денари, а  40 денари за организирани групни посети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top