| четврток, 6 декември 2018 |

Панел-дискусија на тема „Компетенции за успешна кариера во техничките занимања“

DSC01094

Во рамките на саемот „Технома 2015“ и како дел од програмата на Фондот за иновации, Асоцијацијата на советници за развој на кариера организираше панел-дискусија на тема „Компетенции за успешна кариера во техничките занимања“.

Покрај претставниците на Асоцијацијата, на дискусијата пред присутните земаа учество и експерти за човечки ресурси од Американската стопанска комора во Македонија, Факултетот за електротехника и информациски технологии и повеќе успешни компании од приватниот сектор.

Главни теми на кои се дебатираше на настанот беа практиката и критериумите за вработување во компаниите, начините како се идентификуваат и развиваат талентот и компетенциите на вработените и нивото до кое македонските компании држат чекор со техниката.

– Соработката помеѓу компаниите и факултетите е постојана. Преку заеднички средби и работни групи успеваме да излеземе во пресрет со подготовка на кадар каков што им е потребен на компаниите. Имаме потпишани договори со повеќе од 200 компании за извршување на задолжителното практиканство во текот на школувањето и нашите студенти се барани и лесно наоѓаат работа како во државата така и во странство – истакна проф. д-р Снежана Чундева, раководителот на центарот за кариера при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Во однос на видот на вештини кои им се најбитни при вработување, Ивана Дојчиновска – Стојановиќ од Вабтек МЗТ АД Скопје и Мишел Османли од  Американската стопанска комора се согласија дека најважно е кандидатите да бидат подготвени за континуирано учење, тимска работа и да поседуваат комуникациски вештини,  односно таканаречените „меки“ вештини кои во нивните компании се и прв праг на селекција на кандидатите по што следува тестирањето на техничките знаења.

DSC01093

– Малите и средни компании најчесто се подготвени да вработат млади луѓе без некакво претходно  формално работно искуство, кои, сепак, за време на студиите биле дел од некаква програма за практиканство, покажале желба и интерес да се стекнат со некакви работни искуства во текот на летниот период и покажуваат интерес за постојано учење – изјави  Биљана Велевска, експерт за човечки ресурси во „Самеримпекс импулси“.

Со ова се согласи и Васил Буралиев од компанијата „Сингулар“, кој нагласи дека нивната компанија има постојан отворен оглас за вработување и дека грижата за вработените им е на прво место.

– Задачата на Асоцијацијата е подигнување на свеста за придобивките од кариерното советување кај ученици, наставници, родители и невработени. Оттука, организацијата на вакви и на слични настани се значаен дел од нашата работа и ја отсликува нашата општествена одговорност – изјави претседателот на АСК, Мирјана Пехчевска Поп-Илиев.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top