| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните и догодина ќе аплицираат за „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“

Граѓаните и следната година ќе можат да аплицираат за државни субвенции за станбен кредит преку проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“. Во своето обраќање за носењето на Буџетот за 2017 во Собранието, министерот за финансии Кирил Миноски истакна дека и во буџетот за следната година се обезбедени средства за овие два проектa.

– Во Буџетот за 2017 година предвидуваме и средства во износ од 120 милиони денари за проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“. Интересот кај граѓаните за нив е огромен, затоа планираме да им дадеме можност и следната година да аплицираат, истакна Миноски.

Досега преку двата проектa станбеното прашање го имаат решено преку 1.000 семејства, а доделени се субвенции од преку 7 милиони евра.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ предвидува субвенции од државата на станбен кредит за купување на куќа или стан. Кога станува збор за стан, државата субвенционира или 50 отсто од месечната рата за време на првите 5 години од отплата на кредитот или 50 отсто од учеството за кредит. За куќа субвенциите изнесуваат 75 отсто од ратата или 75 отсто од учеството за станбен кредит, потсетува МИА.

Преку проектот „Купи куќа за млади“ на младите до 35 години државата им субвенционира изградба или купување на куќа и тоа: 80 отсто од месечната рата за првите 8 години и 50 отсто од ратата за следните три години од исплата на станбениот кредит или 100 отсто од учеството за станбен кредит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top