Некогаш гламурозната ќерка на починатиот узбекистански диктатор Ислам Каримов е сместена во психијатриска болница. Гулнара Каримова (44 г.) две години беше во домашен притвор, но, по смртта на нејзиниот татко, пред еден месец ситуацијата драстично се промени.
Наследникот на Каримов, Шавкат Мирзијаев, ја смести во лудница. Информацијата официјално не е потврдена, но за брзо време се прошири низ Узбекистан.
Дека нешто се случува потврдува и статусот на фејсбук-групата „Здравје за Каримова“, која објави: „Од сигурни извори дознаваме дека Гулинара е преместена во болница за психички болни“, а веста ја потврди и висок функционер во владата.
Причината зошто Мирзијаев ја сместил во болница е едноставна и логична – елиминација на потенцијалниот непријател, иако е прашање колку навистина Гулнара може да му наштети на Шавкат.
Таа пред неколку години беше етикетирана како наследничка на диктаторот, кој, како што се шпекулира, немал милост за своите ривали, па дури и за својата ќерка. Поради корупција, а и поради разголените фотографии, татко ѝ ја заробил. Никој ја нема видено на улица од 2014 година.
Инаку, пред 2014 г. Каримова живееше живот каков што секој би посакал. Беше на врвот на музичката кариера, манекенка, старлета, дипломатка, а имаше и диплома од „Харвард“. Себеси се опишуваше како „егзотична убавица“, а другите ја викаа „узбекистанската принцеза“. Нејзиниот пад почна во 2013 година, кога почна да се разголува, да се фотографира со перја од паун. Кога татко ѝ ги видел фотографиите, ги изгубил нервите. Наводно ѝ удрил шлаканица во јавност. Потоа следувале тужби за корупција и со тоа таа ја изгуби можноста за наследничка.
Поранешниот британски амбасадор Крег Мури најдобро ја опиша Каримова.
– Богата, паметна и посексапилна од Парис Хилтон. Во еден пакет добиваш сѐ – вели Крег Мури.
Иако на светот му беше попозната од својот татко, народот во Узбекистан ја мрази.
– Таа е алчна и ужасно амбициозна жена. Со помош на својот татко уништуваше сѐ што ќе ѝ застанеше на патот – пишува во еден дипломатски извештај.
извор Нова Македонија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.