„Електрани на Македонија“ објави повик на кој се бара економски оператор за изработка на предфизибилити студија за енергетските проекти „ХЕЦ Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“.
Основна задача на студијата е да се разгледаат можните варијанти за оптимално хидроенергетско искористување на водниот потенцијал на Црна Река и да се избере најповолната варијанта за реализација на двата значајни зафати.
– Експлоатацијата на хидропотенцијалот на Црна Река е од посебен интерес за Република Македонија поради можноста за складирање на водата, којашто, пак, би се чувала за производство на електрична енергија во периоди од годината кога е најпотребно, велат од АД ЕЛЕМ.
Во јули годинава заврши јавниот повик за пројавување интерес за проектирање, изградба и концесионирање на ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“, објавен од Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Со овој повик, Владата на Република Македонија, започна еден нов пристап за реализација на предметните проекти, пришто во првата фаза, 11 заинтересирани компании доставија свои техно-економски концепти ирешенија. Целта на втората фаза е избраната консултантска компанија да подготви предфизибилити студија каде што ќе бидат понудени најдобрите модели за изведување и од економски и од техничко-технолошки аспект, велат од ЕЛЕМ.
– Изработувачот на студијата ќе има задача да направи и споредба меѓу постојните технички решенија изработени во минатото и понудените технички решенија пристигнати од потенцијалните концесионери во јули годинава. Врз основа на избраното решение од предфизибилити студијата која ќе треба да се изработи во рок од девет месеци, ќе следи трета фаза, објавување јавен повик за проектирање, изградбаи концесионирање на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. Реализацијата на двата проекта ќе значи енергетско зајакнување на Република Македонија, зголемување на уделот на обновливи извори на енергија и намалување на користењето на фосилни горива за производство на електрична енергија, нагласуваат од ЕЛЕМ.
Изградбата на двете хидроелектрани, посочуваат, покрај бројните енергетски придобивки ќе има огромни економски ефекти преку ангажирање на домашната градежна оператива, а ќе се обезбеди и можност за наводнување и за поефикасна регулација на Црна Река.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.