Иднината на Дејан Манасков како член на Рајн-Некар Левен е доведена во прашање откако актуелниот германски првак денеска потпиша договор со Џери Толбринг. Станува збор за 21-годишен ракометар кој потпиша договор од јули 2017 година, а настапува на позицијата лево крило, исто како и Манасков, кој има договор со Рајн-Некар токму до крајот на оваа натпреварувачка сезона. Толбринг вчера играше против германскиот шампион во дресот на Кристијанштад, за попладнево да биде обелоденето дека тој од следната година ќе биде дел од „лавовите“.
– Веќе извесно време го следевме напредокот на Џери Толбринг и испративме понуда, среќни сме што тој го избра токму Некар Левен за свој следен клуб – изјави директорот Оливер Рогич при потпишувањето на договорот што ќе биде со важност до 2020 година.
Манасков уште во текот на минатата сезона потпиша договор со Некар Левен, од каде летово дојде од редовите на Вардар. Иако претходно имаше извонредни неколку месеци во Бундес-лигата како член на Вецлар, македонскиот ас не добива премногу шанси да ги покаже своите квалитети, откако тренерот Јакобсен многу почесто му дава предност на ветеранот Сигурдсон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.