Македонскиот народен театар (МНТ) за 20 октомври, во 20 часот на малата сцена ја најави премиерата на претставата „Силјан Штркот шанца“ од Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јанаќијевиќ.
Со оваа претстава почнува проектот „Театар за секое дете“, со поднаслов „лектирен театар“, најави Тони Михајловски, уметнички директор на МНТ.
– Не му се мешаме во работата на Театарот за деца и младинци (ТДМ), тие си имаат свој репертоар. Со овој проект сакаме децата да научат што е театар, што е уметност и ако 30 отсто од децата ги научиме да одат в театар и да го засакаат, тогаш ние сме ја исполниле нашата мисија. Ќе бидат поставувани лектири, кои се обработуваат во основното и во средното образование – рече Михајловски.
Планирано е претставите да се играат на малата сцена на МНТ. Михајловски веќе ја најави и следната претстава која ќе се работи, тоа е „Аладин“ во режија на Бојан Трифуновски.
„Силјан штркот шанца“ не е детска претстава, туку претстава за младинци и за родители што не пораснале – вели режисерот Јанаќијевиќ.
– Овој текст на мојот драг пријател и соработник Дејан Дуковски првпат е поставен во 1991 година и тогаш јас бев соработник на режисерот. Во таа претстава играа Драган Спасов Дац, Игор Чамбазов, Анче Џамбазова и други. Оттогаш ми остана во глава. „Силјан штркот“ за мене е македонска верзија на Петар Пан. Верувам во театар на синергија, а не во театар на заповеди и затоа велам дека ова е заеднички производ на сите инволвирани во проектот – вели режисерот Јанаќијевиќ.
Сценографката и костимографката Илина Ангеловска признава дека не било лесно да се склопи целата приказна.
– Ова е меѓу детска претстава и кабаре. Во неа користев минимум модерна естетика. Се трудев да ја сочувам естетиката на македонскиот фолклор. Во претставата имаме рокенрол бенд со кој ја следиме македонската народна приказна – вели Ангеловска.
Улогите во претставата ги толкуваат: Александар Михајловски, Нино Леви, Марија Новак, Магдалена Ризова, Ивица Димитријевиќ, Нина Деан, Александар Ѓорѓиевски, Славиша Кајевски, Висар Вишка, Кире Ѓореввски, Ана Стојановска, Тина Трпковска и Никола Ацевски. Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, а кореограф е Александра Кочовска-Начева.
Бендот кој пее во живо во претставата е ВИС Погани штркови feat. Кокошките од пеколот и го сочинуваат Ивица Димитријевиќ (соло гитара и вокал), Александар Ѓорѓиевски (бас гитара), Ташко Груевски (бас гитара), Никола Кимовски (удиралки).
За Александар Михајловски, кој ја толкува улогата на Силјан ова е прва голема главна улога.
– Светот на Силјан е магичен, волшебен и многу суров, каков што е всушност и светот во кој живееме – вели Михајловски.
Нино Леви, кој го толкува ликов на Божин смета дека „Силјан штркот шанца“ е новата хит-претстава на МНТ.
– Никогаш во живот не ми било толку забавно како сега, додека ја работевме претстава – заврши Јанаќијевиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.