| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата за македонската верзија на Петар Пан „Силјан Штркот шанца“ премиерно во МНТ

Со оваа претстава почнува проектот „Театар за секое дете“, со поднаслов „лектирен театар“, најави Тони Михајловски, уметнички директор на МНТ

Македонскиот народен театар (МНТ) за 20 октомври, во 20 часот на малата сцена ја најави премиерата на претставата „Силјан Штркот шанца“ од Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јанаќијевиќ.

Со оваа претстава почнува проектот „Театар за секое дете“, со поднаслов „лектирен театар“, најави Тони Михајловски, уметнички директор на МНТ.

– Не му се мешаме во работата на Театарот за деца и младинци (ТДМ), тие си имаат свој репертоар. Со овој проект сакаме децата да научат што е театар, што е уметност и ако 30 отсто од децата ги научиме да одат в театар и да го засакаат, тогаш ние сме ја исполниле нашата мисија. Ќе бидат поставувани лектири, кои се обработуваат во основното и во средното образование – рече Михајловски.

Планирано е претставите да се играат на малата сцена на МНТ. Михајловски веќе ја најави и следната претстава која ќе се работи, тоа е „Аладин“ во режија на Бојан Трифуновски.

14523253_1277991072234651_3870308544741073711_n

„Силјан штркот шанца“ не е детска претстава, туку претстава за младинци и за родители што не пораснале – вели режисерот Јанаќијевиќ.

– Овој текст на мојот драг пријател и соработник Дејан Дуковски првпат е поставен во 1991 година и тогаш јас бев соработник на режисерот. Во таа претстава играа Драган Спасов Дац, Игор Чамбазов, Анче Џамбазова и други. Оттогаш ми остана во глава. „Силјан штркот“ за мене е македонска верзија на Петар Пан. Верувам во театар на синергија, а не во театар на заповеди и затоа велам дека ова е заеднички производ на сите инволвирани во проектот – вели режисерот Јанаќијевиќ.

Сценографката и костимографката Илина Ангеловска признава дека не било лесно да се склопи целата приказна.

– Ова е меѓу детска претстава и кабаре. Во неа користев минимум модерна естетика. Се трудев да ја сочувам естетиката на македонскиот фолклор. Во претставата имаме рокенрол бенд со кој ја следиме македонската народна приказна – вели Ангеловска.

Улогите во претставата ги толкуваат: Александар Михајловски, Нино Леви, Марија Новак, Магдалена Ризова, Ивица Димитријевиќ, Нина Деан, Александар Ѓорѓиевски, Славиша Кајевски, Висар Вишка, Кире Ѓореввски, Ана Стојановска, Тина Трпковска и Никола Ацевски. Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, а кореограф е Александра Кочовска-Начева.

Бендот кој пее во живо во претставата е ВИС Погани штркови feat. Кокошките од пеколот и го сочинуваат Ивица Димитријевиќ (соло гитара и вокал), Александар Ѓорѓиевски (бас гитара), Ташко Груевски (бас гитара), Никола Кимовски (удиралки).

За Александар Михајловски, кој ја толкува улогата на Силјан ова е прва голема главна улога.

– Светот на Силјан е магичен, волшебен и многу суров, каков што е всушност и светот во кој живееме – вели Михајловски.

Нино Леви, кој го толкува ликов на Божин смета дека „Силјан штркот шанца“ е новата хит-претстава на МНТ.

– Никогаш во живот не ми било толку забавно како сега, додека ја работевме претстава – заврши Јанаќијевиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top