Институтот за јавно здравје во соработка со Европскиот надзорен центар за дроги и зависности од дроги (ЕСПАД) спроведе истражување во врска со навиките на 16- годишните тинејџери во Македонија. Истражувањето било спроведено во 82 средни училишта во 31 населено месо во 220 одделенија од прва и втора година или вкупно биле анкетирани 4.739 ученици. Резултатите покажуваат дека опаѓа користењето на цигарите и на алкохолот во однос на 1999 година, но загрижува процентот на користењето седативи.
Вкупно, бројот на млади на 16-годишна возраст што користеле седативи изнесува околу 11 проценти. Значи, зборуваме за седативи што не се препишани од лекар. Тоа е висок процент. Претходното истражување покажуваше дека 10 проценти од младите на 16 години користат седативи. Европскиот просек е шест проценти, вели во интервју за „Република“ д-р Силвана Ончева, специјалист по социјална медицина во Институтот за јавно здравје.
Што покажаа истражувањата? Какви се навиките во консумирањето алкохол, цигари и дрога?
ОНЧЕВА: Се работи за истражување кое се реализира на секои четири години почнувајќи од 1995 година. Република Македонија се вклучи во истражувањето во 1999 година, следното истражување беше направено во 2008 година, а во 2012 година се реализираше само на територијата на град Скопје. Последното истражување е направено во 2015 година. Тоа е таканаречено истражување на ЕСПАД, коешто се спроведува во голем број европски држави, повеќе од 40. Истражувањето во 2015 година беше спроведено во 35 држави. Тоа е истражување кое се реализира со унифициран прашалник и најголемиот дел од прашањата се однесуваат токму на овие супстанции. Има и можност за дополнителни прашања. Истражувањето се спроведува со ученици на возраст од 15 до 16 години и идејата е да имаме споредливи податоци во однос на тоа како ни се движат трендовите во нашата земја и да се направи споредба со другите европски држави и со европскиот просек. Во однос на цигарите, можам да кажам дека сме горди бидејќи има пад на бројот на млади што имале искуство со цигарите во однос на 1999 година. Од 56,7 проценти, бројот паднал на 38 проценти во однос на 1999 година. Тоа е многу добар податок заради тоа што, најверојатно, сите кампањи што се одвивале придонеле да опадне бројот на млади што имале искуство со цигарите. Но, загрижувачки е тоа што веќе имаме една популација која пушела цигари во текот на последниот месец (околу 24 проценти), а имаме и популација од два проценти што пуши повеќе од една кутија цигари дневно. Во однос на алкохолот, исто така, опаѓање. Во 2015 година, 57 проценти од младите во текот на животот имале искуство со алкохол, а во 1999 година тој процент бил 67. Интересно е да се спомне дека во однос на употребата на алкохол има големи разлики во поглед на етничката припадност. Кај младите од муслиманска вероисповед е значителен бројот на тие што немале искуство со алкохолот и тој број се движи дури и над 80 проценти, за разлика од Македонците кај кои бројот изнесува 19 проценти. Податоците покажуваат дека кај Ромите се зголемува бројот на млади што не пијат алкохол. Загрижува тоа што сѐ почесто имаме млади што во текот на последниот месец, дури и последната недела, интензивно користат алкохол. Во однос на последната недела имаме високи 24 проценти на млади што пијат. Уште позагрижувачки е тоа што сѐ повеќе се консумираат повеќе од пет пијалаци во една пригода. Во однос на марихуаната, може да кажеме дека разликите меѓу 1999 и 2015 година не се големи. Животната преваленција кај младите на 16 години изнесува околу пет проценти во 2015 година, а претходно се движеше околу осум проценти. Македонија не е меѓу земјите што се водечки во однос на бројот на млади што користат марихуана. Во однос на другите супстанции, нивниот број се движи околу два проценти за екстази. Во однос на сите останати супстанции (кокаин, крек, ЛСД, хероин) процентот е под еден. Стагнира или се намалува бројот на млади што ги користат овие супстанции. Единствено загрижува малиот пораст на лица што употребуваат кокаин.
Бројките покажуваат дека опаѓа бројот на тинејџери што пушат цигари или пијат алкохол. На што се должи тоа?
ОНЧЕВА: Најверојатно се должи на свесноста на младите за штетноста од употребата на овие супстанции. Иако постојат информации за тоа колку се штетни цигарите, алкохолот и дрогите, тие треба да се интензивираат затоа што младите преку јавните гласила и интернетот добиваат информации што некогаш, за жал, се и дезинформации. Ограничувањето на продажбата на алкохолот можеби придонесе да се намали бројот на младите што пијат, но тоа не значи дека подоцна нема да почнат да консумираат алкохол.
Каде е Македонија во однос на Европа со овие навики?
ОНЧЕВА: Во однос на употребата на дроги Македонија е многу ниско на скалилото. На пример, во Европа употребата на марихуана е 16 проценти, а кај нас е пет. Општо, за сите други видови дроги кај нас е седум проценти, а европскиот просек е 18 проценти. Најголема употреба на марихуаната е забележана во Чешка. Кај нас, употребата на цигари во последните 30 дена е над европскиот просек (24 проценти наспроти 21 процент). Во однос на алкохолот, Македонија е под европскиот просек.
Што покажуваат истражувањата, колку се користи интернетот?
ОНЧЕВА: Интернетот е многу застапен кај нашата популација. Се смета дека околу 85 проценти од младите се секојдневно на интернет. Нема голема разлика во однос на работни денови и викенди. Најголем дел, повеќе од 20 проценти, се минимум два до три часа секојдневно на интернет.
Во испитувањето беше опфатено и користењето седативи.
ОНЧЕВА: Користењето на седативите е нешто што нѐ загрижува. Во споредба со другите супстанции, каде што доминира употребата на психоактивни супстанции од страна на машката популација во споредба со женската, кај седативите е најголем процентот кај женската популација. Вкупно, бројот на млади на 16-годишна возраст што користеле седативи изнесува околу 11 проценти. Значи, зборуваме за седативи што не се препишани од лекар. Тоа е висок процент. Претходното истражување покажуваше дека 10 проценти од младите на 16 години користат седативи. Европскиот просек е шест проценти.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во неделникот „Република“ број 214, кој излезе на 7. октомври 2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)