Секоја година на десеттиот ден од десеттиот месец во годината се одбележува Меѓународниот ден на бездомништвото со цел да се сврти вниманието кон овој брзорастечки проблем. Според процените на Обединетите нации, во светот има повеќе од 100 милиони бездомници, а повеќе од една милијарда луѓе живеат во несоодветни живеалишта.
Овој екстремен вид сиромаштија континуирано е во пораст поради социјалните нееднаквости, високите стапки на невработеност и социјалната исклученост, а актуелната криза со емигрантите, бегалците и со внатрешно раселените лица се дополнителен ризик за зголемување на бројот на бездомници.
Меѓу бездомниците во Македонија преовладуваат мажи на возраст од 40 до 60 години од кои повеќето се разведени, разделени или самци. Слична е сликата и во развиените земји, каде што најголем дел од бездомниците се странци, а во исто време е забележан и тренд на пораст на млади бездомници.
Бездомништвото во Македонија најчесто се случува поради нарушени семејни односи, поради беда, невработеност, долгови, хипотеки, насилство, а во исклучително ретки случаи е избрано како стил на живот.
Евидентираните примери во нашата земја укажуваат на бездомништво што трае и повеќе од една деценија, а меѓу бездомниците се регистрирани и лица со високо образование.
Тесното сфаќање на поимот бездомништво нѐ наведува на заклучокот дека бројот на бездомници во земјава е мал поради перцепцијата на овој феномен исклучиво преку профилот јавно бездомништво што вклучува само лица што спијат на улица.
Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ после едногодишното истражување на бездомништвото во Македонија креираше нов приод . Дефиницијата која е производ на ова активност, вклучува два нови профила – скриено и потенцијално бездомништво преку девет категории и 15 поткатегории, меѓу кои и лица што живеат кај роднини и пријатели, жени во шелтри за семејно насилство, лица што остануваат подолго во институции поради тоа што немаат дом, лица на кои им се одзема домот даден под хипотека, лица што живеат во привремени, неконвенционални живеалишта…
Истражувањето на „Паблик“ и адаптирањето на европската концептуалната рамка за бездомништво и исклученост од правото на домување во македонски контекст, создаде и основа за мерење на овој феномен во земјава што подразбира и добивање податоци споредливи не само на европско, туку и на глобално ниво.
– Потребно е дефинирање на бездомништвото во нормативни рамки и мерење на овој феномен зашто во отсуство на релевантни податоци за опсегот на овој проблем, Македонија се соочува со бројни предизвици во заштитата на основното човеково право – правото на дом – вели Климентина Илијевски, извршен директор на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.
Правото на соодветно домување е гарантирано со бројни меѓународни и европски инструменти за човекови права. Главната обврска на државите за обезбедување на остварувањето на ова право се пропишани со Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права со член 11, со кој се признава правото на секој човек на соодветен стандард на живот за себе и за неговото/нејзиното семејство, вклучително и соодветна храна, облека и домување, и континуирано подобрување на животните услови. Овој пакт беше ратификуван од земјата во 1994 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.