Која е целта на посетата на Хан, наводно доаѓал да го притиснел Груевски да прифати специјален суд за обвиненијата на Катица Јанева и специјална полиција која ќе го тера полицискиот дел од истрагата. Демек, работата била завршена, нагодуваат од опозицијата.
Веројатно е дека оние што знаат се за Хан, знаат и која е неговата вистинска цел на посетата, пишува Латас во последната колумна „Специјално“.
Веројатно го знаат и одговорот на Груевски и ВМРО, кој би бил: а пошто ќе не бесите, јажиња вие ќе ни дадете или да си купиме сами?
Но, работите стојат поинаку.
Прво, да се формира специјален суд е работа со уставна категорија, односно акт за кој треба согласност од над две третини од собранието. Бидејќи наскоро ќе имаме избори во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, и со сигурност ќе освои од 53 до 63 пратенички места, јасно е дека без ВМРО-ДПМНЕ закон за специјален суд – нема.
Бадијала го с’скаат Али Ахмети да ја смени страната и да влезе во коалиција со Заев кој, види богати, сака да му го урниса гласачкото тело и да грабне албански гласови на сметката на СДСМ. Џабе им е тоа. И со Али и без Али, без ВМРО нема специјален суд.
И баш ме интересира со кој образ пред неговите гласачи и фамилијата Али Ахмети, Муса Џафери и другите ќе се избацат и коалицираат со Заев кој им ги пушта монтирани приватните и скандалозни телефонски разговори кои ги има во својата фиока.
И баш сакам да видам пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе гласаат специјален суд кој, без никакво сомневање, ќе постои за по кратка постапка да им ги затвори на долгогодишна робија комплет партиските и локални шефови, да им ја одземе партиската зграда и другиот имот и, на крај, да почне постапка за бришење на партијата.
Тој суд е до запирка со еднакви планови и задачи како кај СЈО и Катица Јанева.
Кој се сомнева во целите на СЈО, овде наведени, како и на бараниот специјален суд треба само да ги види снимките од јавните настапи на Катица Јанева и Зоран Заев последниве месец дена. Таму е се речено, се најавено. Само треба да се гледа и следи.
Секој притисок, како и секоја уцена, важи и има функција се додека другата страна има што да загуби. Но, кога ќе ја дотерате до ѕид, се случува експлозија.
А ВМРО и Груевски се уште имаат што да чуваат: од убедливо мнозинска поддршка во јавноста и извесни победи на наредните неколку избори, до стотина проекти кои ја преполовија невработеноста и зголемија плати, пензии и вратија во живот здравство, образование и земјоделци… па се до огромната партиска маса од членови и поддржувачи која и покрај бруталните провокации од објавување телефонски разговори, до закани, физички напади и обиди за уривање институции… се уште е мирна и не возвраќа.
Видовме како изгледаат пар илјади фарбани анархисти на улиците но, пробајте да претпоставите како би изгледале, по улиците, барем десетина илјади гневни вмровци кои нема што да загубат, а со години го голтаат својот гнев и трпат провокации.
Ситуацијата, во такви околности, би била прилично специјална.
А провокациите се во низа. Од соросоидните, до оние кои ги прави СЈО со јавно изрекување пресуди и квалификации за луѓе кои не се ни обвинети, а камоли осудени.
До она што сега го прави Агенцијата за медиуми, по истиот шнит како СЈО: суди по свој критериум и, пази богати, осудените се секогаш оние кои Заев и СДСМ ги прогласија за свои најголеми непријатели. Исто како и пресудите на СЈО.
Како и кога ги тужиш СДСМ и Соросоидите за клевета, а ти суди балдзата на Ацо Кабранов од “Либертас”. Пресудата се знае. Ќе ја унапредат во СЈО, гарант.
Може нивната Телма да вика по три гости од соросидниот партиски камп и да го глуми тоа како дебатна емисија, а ТВ Нова да прави вистинска дебата со министер од ВМРО и од СДСМ но, да биде казнета затоа што прашањата до ликот од СДСМ биле провокативни!!! Замисли, новинарката се дрзнала да го вознемири нивниот лик.
Патем, она што е фалца дебата на Телма е платено со пари од американската УСАИД. Пропаганда со дипломатски пари – исто како и ЗНМ, а деновиве и Агенцијата за медиуми. Дипломати ги плаќаат, дипломати ги бранат а ние не ги сакаме. Нормално.
Агенцијата за медиуми се скрши во оној момент кога соросоидите и амбасадорите бараа смена на Советот и намалување на овластувања на директорот. Се испазари директорот Зоран Трајчевски, и сега никој за ништо не го прозива. Си одработува.
И тој, како и Катица, суди пред судот. Изјавува дека ТВ Нова и Сител биле казнети заради пристрасност. Не, пријатељу, не се казнети туку се само пријавени. За казна одлучува судот, а не Катица или, во случајов, Трајчевски и Агенцијата за медиуми.
Тие, СЈО и Агенцијата за медиуми, се во специјален сојуз, на иста задача дадена од Чадорот. Сега Агенцијата казнува секој критички збор на сметка на Катица и СЈО.
Тоа е тој, нивен специјален начин на разбирање на правото и слободата.
Би имал уште многу што да кажам за работењето на Агенцијата и нивниот Свети синод од сомнителни пари, нарачани ТВ-прилози до вовлекување на партиски шефови… но, заради поранешното пријателство со Трајчевски засега ќе преќутам. Верувам дека моралната и етичка криза во која сега се наоѓа – ќе му помине.
Да, од надвор со сета сила ни се наметнува специјална состојба, со специјални неуставни институции, со специјални антиевропски правила… но, тоа не може да трае вечно. Сите показатели на терен, во реалниот живот, покажуваат дека отпорот кон специјалните е голем, многу поголем од нивната моќ и намери. Во декември имаме избори, ќе си гласаме, и притисокот ќе издишува како гума на која и се одлепил бајлакот.
Да ја повторам пораката до Хан, и специјалните: ако не бесите, сами да си купиме јажиња или вие ќе ни дадете.
Имаат они многу јажиња на лагер, им останаа од Босна, Украина, Либија, Косово…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.