Му го врти ли Зоран Заев грбот на Црвенковски? Алфа објави дека Лидерот на СНС Драгиша Милетиќ во телевизиско интервју обвини дека струмичкиот градоначалник заедно со пратеничката на СДСМ Цветанка Иванова, во кафеани во Велес имале неколку средби со поранешниот претседател на СДСМ Владо Бучковски и со градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски.
Заев ги демантира тврдењата на Милетиќ со образложение дека довчерашните сопартијци не му се потребни за ништо и дека сите ставови може слободно да му ги каже на Црвенковски. Бучковски пак отфрла какви било разговори со Заев за потпретседателот на СДСМ да стане дел од Граѓанската Алијанса за позитивна Македонија. Контактирале единствено за амбициите на Заев за лидер на најголемата опозициска партија.
„Тврдењата за ручеци со Заев во Велес се небулози.Јас контактирам со него, но тоа не може да се гледа од аспект на негово истапување од СДСМ и пристапување во новото движење. Сме разговарале за случувањата во оваа партија и за кандидатурата на Заев за лидер”, вели Бучковски за Алфа.
Обвинувањата од Милетиќ доаѓаат во период на сериозни турбуленции и поделби во СДСМ во пресрет на изборот на наследник на Црвенковски. Заев е е еден од претендентите. Информациите од “Бихаќка” се дека според интерните партиски анкети Заев е во водство пред Јовановски, Ивановски и Наумов, но ја загубил поддршката од Црвенковски кога станало јасно дека Радмила Шекеринска е негов најголем поддржувач. Милетиќ пак неколку пати најави формирање нова пратеничка група која ќе делува независно од СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


