Македонската фудбалска репрезентанција на несреќен начин загуби од Израел на арената „Филип Втори“ во рамките од второто коло во квалификациите за Светското првенство со 1-2.
Иако имавме повеќе од играта, шансите и поседот на топката во текот на целиот натпревар, гостите успеаја со два гола уште во првиот дел да стигнат до капитална предност која со цврста игра во одбраната во вториот дел да ги извојуваат и трите бода.
Македонија во вториот дел успеа да израмни со голот на Илија Несторовски кој во манир на расен стрелец успеа да ја смести топката во небраниот дел на голманот Гореш. Шансата на вечерта ја имаше Адис Јаховиќ кој не успеа да реализира оправдано досуден пенал во 94 минута откако Тиби го собори Несторовски.
Мечот започна одлично за избраниците на Игор Ангеловски. Шансите се редеа и до 20. минута Македонија можеше да има и капитална предност од повеќе голови. Најпрво во 11. минута, Алиоски на 16 метри го проигра Пандев кој откако убаво се ослободи од своите чувари шутираше од одлична позиција, но само сантиметри покрај левиот дирек од голот на Гореш.
Веќе во следната минута Пандев имаше неверојатна можност од која потешко беше да се промаши. Алиоски од десната страна, по брз контранапад, прецизно сервираше топка за Пандев кој од само пет-шест метри иако осамен пред Гореш шутираше висок на голот на Израелците. И, во 13. Минута Македонија можеше да дојде до водство, но овој пат Пандев по пресечената топка го проигра Стефан Ристовски но неговиот удар беше блокиран од Цедек. Македонија во првиот дел постигна и гол преку Несторовски, но поради пасивен офсајд на Шиков тој беше поништен.
И, откако не беа искористени нашите можности, казнуваат Израелците од првата своја шанса. Од десно нафрли Захави, а Хемед искористувајќи ја заспаноста во нашата одбрана, осамен пред голот на Богатинов со глава од 7-8 метри сместува за водство од 0-1.
Во продолжението од првиот дел, македонските фудбалери продолжија со нападите. Во 34. Минута се обиде Петровиќ со удар од околу 20 метри, но гостинскиот голман одбрани, а Гореш одбрани и по шутот на Хасани од слободен удар во 36. минута.
И, според истата приказна, како и први првиот гол. Откако ние се „осоколивме“ кон голот на противникот, по една аматерска поставеност во нашата одбрана, Израелците реализираа брз контра напад во 43. минута, а Тал Бен Хаим си поигра како со мали дечиња со нашите дефанзивци и голманот Богатинов за водство од 0-2, резултат со кој се замина на полувреме.
Следниот натпревар Македонија го игра веќе в недела против поранешниот светски шампион, Италија. Мечот започнува од 20.45 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.