| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ доживеа тежок пораз, Партизан се прошета низ „Јане Сандански“ (видео)

Македонскиот првак МЗТ Скопје новата сезона во АБА лигата дефинитивно ја започна онака како што не сакаше, со два порази во два натпревари и тоа на убедлив начин, потфрлајќи во секој поглед од играта. Денес лекција по модерна кошарка Рајковиќ и неговите избраници добија од тимот на Партизан предводен од нашиот поранешен селектор Александар Џикиќ, кои славеа со резултат од 62-93.

mzt

Ксавиер Темс реализираше два напади за „сино-белите“ на почетокот и тоа беше се што можевме да проследиме од некаква си игра на избраниците на Емил Рајковиќ. Партизан погодуваше од сите можни позиции на самиот почеток, гостите за пет минути веќе реализираа четири тројки и стигнаа до двоцифрена предност (9-20), принудувајќи го Рајковиќ на тајмаут. Сепак, советите на тренерот на „металците“ воопшто не вродија со плод, упорно се инсистираше на индивидуална игра и удари од далечина, па сето тоа придонесе Партизан на одмор да замине со огромна позитива од 25-48. Во овој дел од мечот МЗТ погоди само две тројки од вкупно 17 обиди, и тоа онаа втората на Симоновски во самиот финиш од полувремето, откако веќе сите дилеми околу победникот беа разрешени.

Катастрофално лошата игра во редовите на МЗТ Скопје продолжи и во вториот дел, а единствено што направија кошаркарите на нашиот првак во третата четвртина е што во 25. минута се спуштија под дваесет, -17 (35-52). Во продолжение Партизан набргу се врати на позитива на двесет поени, па во последната минута од периодот повторно поведе со највисоките до тој момент +26 (44-70). Последните десет минути од мечот беа чиста рутина, Партизан преку поранешениот играч на аеродромци, Урош Луковиќ на четири минути пред крајот на мечот за првпат поведоа со над трисет поени +32 (48-80). Во еден момент предноста на гостите гласеше и +37 (52-90), за да конечниот резултат гласи 62-93, за втора сезонска победа на Партизан, по онаа во Бар кај Морнар.

mzt-1

Темс постигна 20, а Мејси 15 поени за „металците“ во оваа потпросечна партија на „сино-белите“, додека кај Партизан најефикасни беа Хечер со 21 поен (9 асистенции) и Бирчевиќ со 19 поени.

„Металците“ во третото коло ги очекува уште една тешка задача, на гостински терен против Цедевита, која веќе нанижа два порази во низа, па останува да се види дали составот на Рајковиќ може да се врати во игра и да ја искористи лошата серија на Цедевита.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top