| четврток, 6 декември 2018 |

Во Кичево се одржа јавна расправа за модернизација на ТЕЦ „Осломеј“

АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во соработка со Министерството за животната средина и просторно планирање организира јавна расправа во Кичево на која се разгледуваше Студијата за оценка и влијанието на проектот „Модернизација на ТЕЦ Осломеј“ врз животната средина.

Студијата, информираат од ЕЛЕМ, е изработена од тим на експерти од различни области и во неа се вметнати сите аспекти на животната средина и социоекономските аспекти, при што во детали се опишани мерките кои ќе бидат преземени, со цел да се избегнат или намалат негативните влијанија, а истовремено да се подобрат влијанијата врз животната средина.

– Минатата година изработена е Физибилити студија за модернизација на термоелектричната централа преку користење увозен јаглен со високакалорична вредност, а разгледана е и опцијата за користење на нискокалоричниот јаглен од локалните лежишта околу Осломеј. Со реализацијана овој проект се добива солидно балансиран домашен производствен капацитет со прифатлива цена на електрична енергија, независна од негативните и турбулентни движења на акциите и промените во светскиот енергетски пазар и се продолжува животниот век на ТЕЦ Осломеј за дополнителни 30 години. Се зголемува и ефикасноста на блокот и се намалуваат емисиите на SOx, NOx и прашина согласно дозволените емисии во Европската унија, велат од ЕЛЕМ.

Модернизацијата, додаваат, предвидува замена на стариот парен котел со нов, дизајниран за согорување на јаглен со поголема калорична вредност и со потрошувачка од приближно 350.000 тони годишно, автоматизација на блокот и ревитализација на генераторот, третман на отпадните води и инсталација на нова опрема за намалување на емисиите на издувни гасови во согласност со важечките европски директиви.

Вкупната инвестиција за ревитализација на ТЕЦ Осломеј согласно Фисибилити студијата е проценета на 126 милиони евра.

Според д-р Даме Димитровски, експерт за оценка на влијанието на проектите врз животната средина, проектот ќе има долгорочно позитивно влијание и сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со електрична енергија.

– Ќе се намалат потребите од увоз на струја и ќе се придонесе кон зачувување на енергетската стабилност. Долгорочни и позитивни ќе бидат влијанијата, особено на локалното население од општина Кичево, кое во голем процент е работно ангажирано во ТЕЦ Осломеј. Оценето е и дека избраните постројки и процеси значително ќе го намалат нивото на испуштени гасови во воздухот во однос на постојната состојба и ќе ги доведат количините на емисии во согласност со дозволените количини од Директивата на ЕУ, истакнува Димитровски.

Во текот на изработката на студијата, јавноста беше внимателно консултирана, а нивните грижи, очекувања и преференци беа земени предвид. Одржани се состаноци со претставници на локалната самоуправа, вработени во термоелектричната централа и претставници на цивилното општество, со цел да се откријат можностите за подобрување на социјалните аспекти на проектот. Студијата беше ставена и на јавен увид на интернет страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top