Изборниот пораз на СДСМ на предвремените избори е веќе апсолвирано прашање за кое опозицијата нема решение. Дури и опозициските експерти и аналитичарите по малку срамежливо, но, сепак, јасно потврдија дека анкетите покажуваат разлика „многу на малку“ во прилог на ВМРО-ДПМНЕ и признаа дека не успеале да им ги сменат ставовите на македонските граѓани. Дилемата е дали Заев ќе се помири со поразот или ќе стори сѐ за да ги повлече сите со себе во амбисот? Познавајќи го неговиот ментален склоп, неговите морални и етички принципи, но и неговиот јавно изразен порив за „јадење живи луѓе“, лесно е да се одговори во кој правец ќе се движи СДСМ до изборите и по нив.
Судејќи по анкетите што и самите опозиционери ги признаваат, народот по кој знае кој пат праќа јасен сигнал дека ниту заборава, ниту простува, ниту верува во сѐ што ќе му се сервира преку медиумите. Со сите милиони евра потрошени за пропаганда, со сите притисоци, закани, уцени, навреди кон неистомислениците, со сите удари врз економијата, со сите безбедносни предизвици, со сета поддршка на „пријателите од надвор“, СДСМ и нивните медиумски перјаници не го поместија ни за милиметар јавното мислење во нивна полза. По кој знае кој пат им даваат до знаење дека не ги сметаат за избор достоен за внимание.
Во вакви околности, очекувањата за изборните резултати и не би можеле да бидат поинакви, особено ако се има предвид дека изборот е сведен на една сериозна изборна програма со стотици развојни проекти и една антидржавна пропаганда која ги загрозува темелите и самото постоење на оваа држава.
По низата катастрофални потези на СЈО, веќе на сите (дури и на спонзорите) им е јасно дека нема соодветна личност/институција на која би ѝ се доверило спроведувањето на антимакедонското сценарио. Влијанието на Соросовите медиуми и новинари врз јавноста е очајно мало, без разлика на милионите евра што „надворешните пријатели“ на Заев ги истураат врз нив за „перење мозок“ на граѓаните. Советниците на Заев кои продаваат скапа магла, очигледно, немаат магично стапче за човек со неговите интелектуални способности. Катица по сите обуки во странство и илјадници евра потрошени за советници, сѐ уште не научи во еден здив да каже „Перо јаде грав“. Дури ни на наместено интервју. „Пријателите од надвор“ залудно се бореа да им обезбедат простор на ТВ-екраните многу повеќе од тоа што реално заслужуваат според она што имаат да го понудат. Докажаа дека можат на сила да добијат сѐ што ќе посакаат на преговарачка маса, но не и да го натераат народот да им верува во тоа што го зборуваат.
Секој нормален политичар кога ќе добие вакви врели шамари од народот, тука би застанал. Но, не и Заев. Тој наместо да го признае поразот и да се повлече, заедно со неговите сојузници од партијата, од СЈО, од опозициските медиуми и од мрежата на Сорос подготвува продолжение на кризата и на агонијата преку изборите на 11 декември.
Така додека ВМРО-ДПМНЕ работи на реализација на ветените проекти и на составување нова програма, Заев го спроведува стариот план кој предвидува провоцирање инциденти што ќе доведат до меѓуетнички или интеретнички судири…
Отворањето на прашањето за двојазничност, повторното активирање на платеничката револуција за наводна одбрана на СЈО, претстојната расправа за буџетот во Собранието, инсистирањето за произнесување на Уставниот суд за СЈО се само дел од предвидените процеси и настани кои опозицијата е подготвена да ги искористи за предизвикување посериозни инциденти за што притоа вината ќе ја префрли на ВМРО-ДПМНЕ. Сето тоа би финиширало со медиумски напад преку соросовите платеници кои ќе обвинуваат за „нарушен изборен амбиент“ и ќе бараат од меѓународните фактори да се поништат изборите, односно вољата на граѓаните.
Писмото до амбасадорите е само уште еден аргумент плус што потврдува дека Заев ќе стори сѐ до 11 декември за да ги оспори изборните резултати, за да може да ја одржи кризата во живот и одново да ја врати државата во 2014 година. Останува да видиме дали ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните по трет пат ќе им дозволат да се извлечат и ќе ги остават до недоглед да си поигруваат со судбината на државата.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.