| четврток, 6 декември 2018 |

Од 5 октомври двојно ќе се намали чекањето за уролог

­

todorov

Од 5 октомври, наместо двапати, пациентите еднаш ќе одат на уролог за хиперплазија на простата со веќе направено ехо и ПСА анализа, соопшти денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

Ова е новата мерка со која, рече Тодоров, двојно ќе се намали бројот на упати за урологија и ќе се ослободат преку 30.000 термини.

– Со оваа мерка сериозно ќе се намали времето на чекање за околу или под седум дена, односно ќе се зголеми достапноста до оваа специјалност, ќе се олесни работата на лекарите, ќе се забрза прегледот и нема за еден пациент да се одвојуваат два термина за иста работа, напомена Тодоров.

На матичните лекари им е дадено правото да ги упатуваат пациентите директно на ПСА (простата специфичен антиген) и ехо дијагностика наместо, како досега, најпрво да даваат упат за уролог, потоа за интернист, па повторно за уролог.

– За да се избегне ова препраќање на пациентите, ја донесовме мерката со која пациентот ќе дојде кај уролог комплетно подготвен, со сите веќе завршени испитувања, неопходни за поставување дијагноза и определување терапија, објасни министерот.

До 5 октомври јавните здравствени установи треба да ги направат сите подготовки за отворање термини за ехо и ПСА, а матичните лекари да го вградат ова во нивното работење. ­

– Сите матични лекари да ја почитуваат оваа препорака и со тоа да помогнат на целиот здравствен систем, но најмногу на пациентите. Мерката ќе овозможи ослободување на поголем број термини и кај специјалистите, во секундарното здравство, потенцира Тодоров.

ПСА анализа прават вкупно 41 здравствена установа во земјата, додека ехо дијагностика 32 и сите се информирани за најновата мерка. До 5 октомври ќе треба да го зголемат бројот на термини за да нема застој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top