Дефинитивно на 28 октомври во Лозана, во Арбитражниот суд за спорт, ќе се решава фудбалската судбина на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми.
Судот од Лозана денеска и официјално соопшти дека случајот на Адеми, кој доби четиригодишна суспензија од УЕФА поради допинг, ќе биде разгледуван на 28 октомври. Ова е дефинитивно огромно олеснување за македонскиот фудбалер, ако се знае дека долго време постоеја опструкции околу закажување на рочиштето во Лозана за разгледување на неговата жалба.
Жалбата во Лозана против УЕФА е последната голема битка на Адеми за докажување на својата невиност, во која има огромна поддршка и од својот клуб Динамо Загреб.
Како што е познато, УЕФА крајно некоректно се понесе кон македонскиот фудбалер, па во жалбената постапка не сакаше дури и да го сослуша со сите свои докази и укажувања. Тогаш, воопшто не беа слушнати аргументите и погледнати доказите од две независни, одделни, лаборатории кои потврдиле дека Адеми бил позитивен затоа што примерокот од легален суплемент кој го земал, бил контаминиран со недозволена супстанца. Но, не по грешка на играчот, туку на производителот.
Познато е дека количеството на станозолол во крвта била минимална, според доказите, доволна за позитивен тест, но недоволна да било како користи на перформансите на Адеми. Тоа го знаат и од УЕФА, која во жалбената постапка била без милост, и без детално сослушување потврдувајќи ја четиригодишната суспензија за македонскиот фудбалер.
Сега, надежите на Адеми се дека ќе биде согледани неговите докази и дека одлуката на УЕФА ќе биде поништена. Постои можност за тоа, но и можност за намалување на казната, на една или две години суспензија. Адеми издржа веќе една година надвор од професионалниот фудбал, но очекува потврда на неговата невиност и веќе од ноември и враќање на професионалниот фудбал. Тоа дефинитивно го очекуваат и македонските вљубеници во фудбалот и сите во македонската репрезентација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.