| четврток, 6 декември 2018 |

Брокер изиграл клиент за над 4.000 евра

broker

Скопски брокер преку манипулации со централниот депозитар на хартии од вредност, изиграл клиент и си присвоил 4.200 евра.

МВР соопшти дека Одделот за финансиски криминал при Центарот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР на РМ до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против лицето Р.И ( 30) од  Скопје  за сторени кривични дела – “измама“ по член 247 став 3 и став 4 во врска со став 1, потоа – “фалсификување исправа“ по член 378, и “перење пари и други приходи од казниво дело“ по член 273, предвидени и казниви според КЗ на РМ.

Пријавениот којшто имал положен брокерски испит, кон крајот на 2010 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, го злоупотребил познанството со оштетеното лице и знаејќи дека истиот поседува обични акции во повеќе акционерски друштва од Македонија, купени во текот на 2007 година на Македонската берза за хартии од вредност, (за кои оштетениот вложил 2.122.311 денари или 34.509 евра), најпрво ја утврдил точната состојба на сметката на оштетениот искористувајќи го фактот дека  неговата мајка, работела како брокер во банка во Скопје.

Пријавениот, без знаење на оштетениот, до Централниот депозитар за хартии од вредност, доставил барање за  промена на адреса на сметката на оштетеното лице со цел да ја смени постојната адреса на оштетениот и истиот да не биде известен од страна на ЦДХВ за настанатите промени на неговата сметка во ЦДХВ, при што запишал адреса на живеење во Скопје.

Вака доставеното барање за промена на адреса на сметка било прифатено во Централниот депозитар за хартии од вредност и истото било спроведено, без да биде утврден идентитетот на подносителот на  барателот за промена на адресата, бидејќи истото било сторено со прием преку телефакс од хотел од Скопје.

Р.И., адаптирал и изработил лажно полномошно со вметнување на податоци од оштетеното лице во кое навел дека може да ги купува и продава акции  кои оштетениот ги подседувал, а парите од продажбата да бидат префрлени на неговата трансакциска сметка. Ова полномошно го доставил до Брокерското друштво со  што го довел во заблуда истото,  дека тој може да располага со предметните акции, односно истите да ги продаде.

Без согласност и волја на оштетениот Р.И. во периодот од октомври/ноември 2010 година во брокерската куќа од Скопје, со својот потпис дал повеќе налози за продавање кои биле веднаш реализирани на Македонската берза за хартии од вредност, преку брокерската куќа, по што откако биле порамнети сите трансакции и биле извршени сите продажби на предметните акции, на личната трансакциска сметка на пријавениот Р.И. во повеќе наврати, од брокерската куќа биле извршени уплати во вкупна вредност од  300.586 денари (или 4.888 евра).

Разликата помеѓу износот кој го вложил оштетениот за купување на акциите (во 2007 год.) и продажбата на истите во 2010 година, дел се должи на паѓањето на цената на истите на Берзата, а дел на намерата на Р.И. истите да ги продаде во најкраток рок по било која цена за да се стекне со противправна имотна корист. Пријавениот, поголем дел од криминално стекнатите парични средства ги заменил за девизни средства во износ од 4.280 евра, на кој начин ги пуштил во легалниот платен промет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top