| четврток, 6 декември 2018 |

Неподготвеноста за комуникација и нестручноста во постапувањето на Катица Јанева

Sotir-Kostov-2-200

Сотир Костов

Јавнообвинителската функција е сериозна, комплексна и одговорна работа. Истата, обвинителите треба да ја извршуваат законито, стручно, непристрасно и објективно. Притоа треба да ги почитуваат и заштитуваат слободите и правата на граѓаните и правата на правните субјекти. Секако, во рамките на своите надлежности, а во име на државата, обвинителите треба да се грижат и за ефикасноста на кривично-правниот систем. Сето ова подразбира оваа функција да ја обавуваат луѓе кои се соодветно образувани (завршен правен факултет и положен правосуден испит), кои имаат соодветно искуство во струката, поседуваат стручност и компетентност во спроведување на законите и да имаат и интелектуални и морални способности кои правилно ќе ги користат во насока на квалитетно, навремено и совесно извршување на барањата, задачите и одговорностите кои произлегуваат од самиот предмет на работењето.
И сега тука, само од себе се поставува, каде е специјалната обвинителка Катица Јанева, и како таа се вклопува во правилата и законските одредби, и што е најважно, дали и колку квалитетно и успешно одговара на овие барања и стандарди поставени од Уставот, законите и меѓународните договори потпишани од Република Македонија? Чинам, да не кажам сигурен сум, дека специјалната, барем досега, слабо се снаоѓа во улогата на специјален јавен обвинител, и еве времето полека и изминува, а таа не испорачува резултати, кои ги очекува целата македонска јавност. Зошто е тоа така? Или дали мојата констатација е точна? Па имавме прилика да го видиме интервјуто што таа го дала за јавниот сервис – македонската радиотелевизија, кое се емитуваше во дневникот на телевизијата, но имавме и прилика да ја видиме интегралната снимка на целото интервју, и како тоа се снимало. Што да каже човек за сето ова, а да не се огреши кон професијата, пошироко кон фелата, а ако сакате и пред бога. Најпрвин, морам да кажам дека Катица Јанева има несериозен однос кон обавувањето на функцијата специјален обвинител. Кога го велам тоа мислам на нејзината неподготвеност и неспремност да одговори на поставените прашања од новинарот. Ги видовме нејзиното конфузно однесување, не фокусираноста, иопштоста, генерализирањето и паушалноста во давањето на одговорите, на прашања кои и немаа некоја тежина, ниту пак беа провокативни. Треба да знаеме дека се работи за снимано интервју, каде можноста за добар настап со можност за нормални корекции и избегнување на грешки, е многу поголема, а видовме како таа не се снаоѓа. А што би било кога интервјуто би било во живо? Јас тоа и не сакам да го помислам, бидејќи ако ова беше неподготвеност, неснаоѓање, комотно однесување до граници на несериозност и ноодговорност, тогаш нејзиниот настап во живо би бил тотална катастрофа и целосен дебакал.
Што ни покажа Катица преку даденото интервју?
Како прво, дека е недоволно стручна и професионална во работењето(таа не употребува правнички, јавнообвинителски речник кога зборува за кривични дела, сторители на истите, аргументи, факти, докази, изведување на истите, итн. Таа како да раскажува приказни за мали деца и со тоа ја засмејува јавноста).
Потоа, таа недоволно ги познава законите и неправилно ги толкува одредбите од истите(‘’незаконски беше одложено судењето…на многу долг временски период..’’), што не е точно, бидејќи не го сватила основот зошто судот го одложил судењето, што подоцна се виде од соопштението на судот).
Понатаму, и овој пат покажа дека не знае, дали, што, кога и како да изнесе во јавноста, а да притоа не се соочи и судри со одредбите за пристрасен однос во постапувањето по предметите, неовластено издавање на информации и податоци, кои се класифицирани, или во тој момент не треба да се достапни на јавноста, туку само на судот(таа во пред истражна и во истражна постапка на големо зборува за сторители на кривични дела, за тоа дека има полно докази и работата е готова и пред да се оди на суд).

На крај, се прашувам дали таа изготвува квалитетни јавнообвинителски одлуки и други писмена, од причина што перманентно е во недоразбирање и конфликт, со органите со кои треба да покаже високо ниво на соработка(полицијата, финансиската полиција, судовите, Собрание на Р.Македонија, Совет на јавни обвинители. Примери – неприфаќање на нејзините предлози од судот, и примерот кога првиот пат не сакаше да оди пред Совет на Ј.О. и Собрание да го образложи извештајот, и сега кога тоа ќе го прави, а на поставено прашање, дали го промени ставот, одговара не, ама сега сакала да биде потранспарентна во работењето. Заклучок: досега била нетранспарента, и втор заклучок – сепак го променила ставот.)
За крај – дали Катица треба да има ораторски, т.е. способности на ретор? ДА, ДА и само ДА! Значи нејзините ‘’адвокати’’ да престанат да ја бранат по тој основ. Доколку ги нема тие и такви способности како таа ќе настапува во судницата пред судот,кога застапува обвинение, кога го образлага, кога ги предлага доказите и го уверува судот во нивната соодветност и веродостојност, кога дава завршен збор и тн. Таму, во судот, и тогаш, при судењето, таа, Катица Јанева, треба да го покаже својот стил на изразување, чии основни одлики треба да се јасноста, концизноста, прецизноста, динамичноста и одлучноста. За да одговори на таа задача, таа треба да биде добар и вешт беседник, јавен обвинител кој ќе изложува судски беседи, во кои пред се и над се таа ќе АРГУМЕНТИРА, ДОКАЖУВА, УВЕРУВА И УБЕДУВА. Ајде, можеби ќе го доживееме и тоа. Сега за сега, Катица не убеди само во едно: дека не е спремна и оспособена за јавна комуникација, дека е крајно несигурна во настапот, и дека не знае да биде супериорен и надмоќен говорник и соговорник. Искрено, во иднина посакувам да ја видам како добар обвинителски беседник. Потребни и се талент, образование, труд и тренинг. Талентот очигледно го нема, образованието го има, па и останува да вложи многу повеќе труд од колку досега и да тренира(ова е најбитно, бидејќи искуството кажува дека големи антиталенти за говорништво со голем труд и упорен и перманентен тренинг постигнале завидни резултати). Во сето ова да не заборавиме: правилата на јавната комуникација велат дека не се дозволени изгубени пораки, неочекувани и штетни ефекти и скриени слушатели.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top